Управата за финансиска полиција, до Обвинителството поднесе кривична пријава против И.Т во својство на управител на правниот субјект БАУЕРФЕИНД ДООЕЛ увоз-извоз Скопје и против правниот субјект БАУЕРФЕИНД ДООЕЛ увоз-извоз Скопје.
Првопријавенaта во период од 2014 до 2016 година дала лажна изјава заверена на нотар со која потврдила дека ортопедското помагало кое го набавува и фактурира кон Фондот за здравствено осигурување со назив „Ортоза за колк со зглоб” е соодветно и одговара на помагалото „Надколен пластичен апарат со зглоб во колено и скочен зглоб”.
Од Финанската полиција велат дека ибила свесна дека таквото помагало не одговара на медицинските индикации и дијагнози, го измамила и довела во заблуда Фондот за здравствено осигурување да склучи Договор за издавање на ортопедски и други помагала за период од 01.01.2014 до 31.12.2016.
„Во текот на овие години, пријавената извршила набавка и испорака на 171 несодветни помагала со назив “Ортоза за колк со зглоб” притоа фактурирајќи ги кон Фондот за здравствено осигурување под шифра 2105 и назив “Надколен пластичен апарат со зглоб во колено и скочен зглоб” на кој начин пријавените се стекнале со противправна имотна корист во износ од 763.470 денари во текот на 2014 година, 5.038.902 денари во текот на 2015 година и 2.901.186 денари во текот на 2016 година, односно вкупно 8.703.558 денари за кој износ е оштетен Буџетот на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението на Финансиската полиција.