Со заминувањето на СДС и ДУИ од власт завршија и погубните политики во образованието, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

24/01/2025

19:17

253

Големина на фонт

а а а

„Образованието е столб на општествениот развој, започнати се крупни промени за поквалитетен образовен систем. Со заминувањето на СДС и ДУИ од власт, завршија погубните политики поради кои во изминатите 7 години бројот на ученици се намали за 17 илјади, а секоја година од државата се иселуваа по 2,5 илјади млади со академско образование. Завршија манипулациите со наставниците, учениците и студентите, времето на отворање приватни факултети заради лични и партиски интереси. Заврши користењето на министерските кабинети како игралишта за фудбал и кошарка, наместо за решавање проблеми и креирање стратегии за подобро образование“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на СДСМ.

„За Владата предводена од ВМРО–ДПМНЕ образованието е врвен приоритет и столб на општествениот развој. Со најголем буџет досега од речиси 40 милијарди денари, оваа година фокусот е насочен кон унапредување на сите аспекти на образовниот систем. Започнати се крупните промени коишто граѓаните ги очекуваат.

Грижата за ученичкиот и студентскиот стандард е евидентно зголемена. Младите изразуваат задоволство што се вклучени во креирањето на политиките кои ги засегаат и се излегува во пресрет на нивните потреби и барања. Средствата наменети за нив се зголемени за 500 милиони денари.

Се подобруваат условите во училиштата, спортските објекти, ученичките и студентски домови. Министерството за образование и наука во моментов реализира 40-тина крупни инфраструктурни инвестиции. Започната е етапна реконструкција на државните студентски домови. СДС не успеа да ги изгради „студентските градови“ кои ги предизборно секогаш ги ветуваа. Немаа пари за младите, но имаа за личен луксуз.

Се менува законската регулатива за повеќе и подобри можности за сите граѓани, а јавноста активно учествува во процесот.

Наставниците добиваат економска сигурност. Постигнат е долгорочен договор за етапно зголемување на платите на наставниците и тој веќе се реализира. Предвидуваме зголемување од 46 до 60%, во зависност од степенот на инфлација. Реален раст на платите, не како во времето на СДС и ДУИ кога инфлацијата беше двојно поголема од процентот одвоен за наставниците.

Образованието во Македонија ќе има подобра иднина од сегашноста во која се наоѓа поради погубните политики на СДС и ДУИ. Нашите деца имаат право на квалитетна едукација и Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе им овозможи да се развиваат како нивните европски врсници“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.