Милан ја одработи својата задача против Џирона и успеа да победи со 1:0 на „Сан Сиро“, триумф кој ги стави „росонерите“ да зависат сами од себе за директен пласман во осминафиналето пред последното коло во групната фаза.
Иако не стануваше збор за најатрактивен европски натпревар, домашниот тим направи доволно за да го победи тимот на нашиот Бојан Миовски, а човек на одлука беше Рафаел Леао.
Португалското крило игра како препородено под водство на Сержо Консеисао, па затоа и не се штеди самиот да ги нагласи главните разлики меѓу новиот и поранешниот тренер.
– Задоволство е да се игра Лига на шампиони со овој дрес. Играме многу добро во Европа оваа сезона и вршиме неверојатна работа. Ова е голем исчекор напред кон пласман во осминафиналето, а најдобра работа е што атмосферата во соблекувалната е навистина позитивна. Сите сме насочени кон едно и полека ги сфаќаме идеите на нашиот нов тренер.
– Консеисао и Фонсека се различни тренери, но за мене, Сержо се фокусира на најважната работа во фудбалот. Консеисао не тера да работиме на менталитетот и тоа е главната разлика. Бара од мене цело време да бидам фокусиран и не ми дозволува да се исклучам ниту минута за време на мечот. Во второто полувреме се одбранивме како тим и успеавме да го сочуваме водството од првото полувреме, тоа е најважно за сите во тимот.
– Консеисао навистина позитивно влијаеше на мене, се обидува да ми помогне да растам како играч, но и како човек. Се обидувам да сфатам се што сака да ми пренесе, се гледа дека станува збор за личност која е подготвена да умре за своите фудбалери. Затоа, јас се обидувам да му возвратам на ист начин, – изјави Леао.