Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон вчера за прв пат возеше болид на "Ferrari", на тест патеката на италијанскиот тим.
40-годишниот возач беше зад воланот на "Ferrari SF-23" од 2023 година, со неговиот број 44. Тој го започна својот прв круг во Ferrari" во 9:16 часот на патеката Фиорано, во услови на магла и мавташе двапати во текот на возењето во правец на околу 1.000 навивачи кои се собраа на блискиот мост и покрај студеното и влажно време.
Хамилтон го имаше првиот ден на работа како возач на "Ferrari" во понеделникот, откако го напушти "Mercedes" на крајот на минатата година по 12 сезони.
Британскиот возач во таа прилика истакна дека преселбата во "Ferrari" е исполнување на детскиот сон.
Тој ќе се обиде да му ја донесе на италијанскиот тим првата титула во конкуренција на возачи, по 2007 година и славењето на Кими Раиконен.
Заедно со тимскиот колега Шарл Леклер, ќе се обиде да му ја донесе на "Ferrari" првата титула во конструктори по 17 години.
Хамилтон го држи рекордот за најмногу победи во Формула 1 (105) и најмногу пол-позиции (104). Првата светска шампионска титула ја освои во 2008 година со "McLaren", а следните шест со "Mercedes", кулминирајќи со последната во 2020 година.
Официјалното претсезонско тестирање ќе се одржи од 26 до 28 февруари во Бахреин, а првата трка од новата сезона ќе се одржи на 16 март во Австралија.