Голема драма и игра на нерви: Кузмановски погоди со звукот на сирената, Македонија освои бод против Австрија!

Дерби

21/01/2025

18:18

1.798

Големина на фонт

а а а

Македонија и Австрија имаа беспоштедна битка на стартот на втората фаза на Светското првенство, каде во еден израмнет и неизвесен финиш, на крајот двете селекции си поделија по еден бод.

Натпреварот почна со наметнато темпо од страна нашите ракометари и избраниците на Кирил Лазаров брзо стигнаа до посакувани плус три, но при резултат 7:4 следуваше првиот пад во офанзивниот дел.

Австрија со три погодоци во низа се врати во егал ситуација и најави дека не планира лесно да се откаже во раната фаза, а тоа продолжи така и откако Македонија имаше нова серија од три гола.

Резултатот 10:7 во наша корист навестуваше дека на пауза ќе заминеме со предност, но во самата завршница на првиот дел подобро се снајдоа Австријците кои на пауза заминаа со еден гол предност (14:13).


Тоа беше јасен сигнал дека избраниците на Лазаров мора да бидат далеку повнимателни во одлучувачките моменти, но резултатската неизесност продолжи и во целиот тек на второто полувреме, во кое во голема фаза се играше гол за гол со често менување на водството.

Со резултат 25:25 се влезе во 54-та минута и беше јасно дека ќе има неизвесност до самиот крај, потоа следеа по два гола на двете страни, но за жал Кајпер му одбрани пенал на Кузмановски и рамнотежата се префрли на спротивната страна. Австрија доби шанса да напаѓа за плус еден при резултат 27:27 и Дамбек погоди од пенал, но брзо следеше одговор од наша страна и Митев со продор во свој стил израмни на 28:28 во последната минута која веќе беше во тек.


Тоа значеше дека следат луди и френетични 30 секунди, во кои Пајовиќ повторно ризикуваше со игра 7 на 6 за предност на Австрија со голот на Хутечек, но сепак Македонците го имаа последниот збор.

Избраниите на Кирил Лазаров добија само четири секунди за напад, но Кузмановски во стил на голем капитен погоди од дистанца и донесе израмнување (29:29) и прв бод за Македонија во втората фаза.