Палестински медиуми: Израелски снајперист уби дете во Газа

Макфакс

21/01/2025

08:22

314

Големина на фонт

а а а

Израелски снајперист вчера уби палестинско дете и рани уште едно во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, и покрај договорот за прекин на огнот и размена на заробеници меѓу Израел и Хамас, јавува Анадолија.

Закарија Хамид Јахја Барбах беше убиен во близина на плоштадот Ал-Авда во центарот на Рафа кога израелските сили отворија оган. Уште едно дете е рането додека се обидувало да го извади телото на Закарија, јави палестинската новинска агенција ВАФА.

Уште девет Палестинци, меѓу кои и деца, беа ранети претходно во израелски оган во Рафах.

Извори потврдија за Анадолија дека израелски тенкови ја преминале тампон зоната и отвориле силен оган врз цивилите. Според изворите, армијата напредувала 850 метри во областа, надминувајќи ја договорената граница од 700 метри предвидена во договорот за прекин на огнот.

Ова убиство претставува значително кршење на примирјето. Сè уште нема коментар од властите во Газа, посредниците за прекин на огнот од Египет, Катар и САД, ниту пак израелски официјални лица.

Претходно вчера медицински извор од Европската болница во Газа во Кан Јунис објави дека тројца Палестинци биле ранети кога израелско беспилотно летало фрлило експлозивна направа во близина на нивните домови во источен Рафа.