Трамп би можел да воведе царини за Канада и Мексико за 10 дена

Макфакс

21/01/2025

11:41

228

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп не воведе веднаш царини како што вети претходно, но рече дека размислува да воведе царина од 25 отсто за увоз од Канада и Мексико на 1-ви февруари поради илегалните имигранти кои влегуваат во САД и фентанилот. Откако ја положи заклетвата како претседател, Трамп не воведе брзо царини за два од соседите на Америка, но им нареди на федералните агенции да ги истражат постојаните трговски дефицити и нефер трговски практики, како и наводната манипулација со валутата од други земји.

Во претседателскиот меморандум, Трамп им наложи на Одделите за трговија и финансии, како и Канцеларијата на трговскиот претставник на САД, да ги истражат ризиците што ги претставуваат големите трговски дефицити за економијата и националната безбедност и да предложат соодветни мерки, како што се дополнителни глобални тарифи или други политики, за да се намалат таквите дефицити.

Инвеститорите се подготвуваа за царини на првиот ден на Трамп, кои би можеле да ги попречат долгогодишните трговски договори, но писмото на Трамп всушност бара дополнително истражување што би можело да ги поддржи идните акции врзани за царините. Одложувањето на царините доведе до закрепнување на глобалните цени на акциите и зајакнување на другите валути во однос на доларот. Американските финансиски пазари беа затворени вчера, но се отвораат денеска.

На прашањето на новинарите во Белата куќа дали има намера да воведе универзална царина за сите увозни производи во САД, Трамп одговори дека тие сè уште не се подготвени за тоа, но можеби ќе бидат подготвени во иднина. На прашањето за царините за Канада и Мексико, тој одговори дека размислува за царина од 25 отсто бидејќи тие две земји наводно дозволуваат голем број луѓе, како и фентанил, да влезат во САД. Трамп, исто така, рече дека сака да го промени трговскиот дефицит на САД со Европската унија преку царини или дополнителен извоз на енергија.

Царините беа тема на дискусија во текот на денот на инаугурацијата, при што Трамп нагласи дека таквите мерки можат да донесат огромни приходи за земјата, бидејќи неговата администрација се обидува да ја обнови американската индустрија. Царините ќе ги наплаќа новата агенција наречена Служба за надворешни приходи.

„Царините ќе не направат проклето богати. Тоа ќе ги врати американските бизниси кои не напуштија“, им рече Трамп на поддржувачите во Вашингтон.