Несреќно дете родено со срцеви проблеми пред 17.000 години исто така го имало најраниот познат случај на сини очи.
Врз основа на генетските податоци од неговите останки, пронајдени во денешна Италија, „детето најверојатно имало сини очи, темна кожа и кадрава темно кафеава/речиси црна коса“, пишуваат во својот труд археологот од „Универзитетот во Болоња“, Овен Хигинс и тимот, пишува „Саенс алерт“ (Science alert).
Како и многумина во палеолитскиот период, на детето од леденото доба му недостасувале гени кои би му овозможиле да го свари млекото како возрасна личност. Детето, исто така, веројатно имало невообичаено задебелени срцеви мускули, предизвикани од типично наследна состојба.
Со должина од само 82 сантиметри (32 инчи), посмртните останки укажуваат на краток живот, а неговата возраст во моментот на смртта се проценува помеѓу 7,5 и 18 месеци.
Хистолошката анализа на забите на новороденчето и зараснатата фрактура на клучната коска покажале дека имало тешко породување и веќе доживеало други стресови.
„Анализите открија малку поран развој од просекот на модерните европски популации и најмалку девет епизоди на физиолошки стрес, од кои три се случиле во текот на интраутериниот живот“, рекол Хигинс.
Маркерите на стрес се во согласност со генетските наоди кои сугерираат дека детето имало хипертрофична кардиомиопатија, вродена срцева болест поврзана со ненадејна смрт на млада возраст.
Мајката на бебето веројатно претрпела одреден стрес во текот на бременоста и можеби била неухранета. Изотопската анализа покажува дека таа останала на едно место најмалку во последниот период од бременоста. Ова било во истата област во која се родило детето и го живеело својот краток живот.
Археолозите од „Универзитетот во Сиена“ откриле скелетни остатоци од праисториското дете во 1998 година. Биле пронајдени подвиткани, без никакви конечни работи или украси, зад карпести плочи во пештерата Грота деле Мура во Монополи, Пуља, на југозападниот брег на Италија.
„Генетската анализа ја истакна блиската врска помеѓу родителите на детето, што сугерира дека тие веројатно се први братучеди“, објаснува молекуларниот антрополог Алесандра Моди од „Универзитетот во Фиренца“, „феномен што ретко се среќава во палеолитот, но е почест во текот на неолитот“.
Сините очи се предизвикани од мутација на генот OCA2, со што се намалува способноста на нашето тело да го произведува пигментот меланин за кафеавите очи. Мутираниот ген OCA2 бил откриен и кај момчето од леденото доба.
Генетската анализа сугерира дека сите синооки луѓе денес, кои сега може сочинуваат и до 40 отсто од некои сегашни европски популации, може да се проследат до една мутација што се појавила во Европа помеѓу 6.000 и 10.000 години.
Претходниот најстар познат синоок поединец бил пред околу 14.000 години, познат како човекот Виљабрун. Бојата на очите и другите генетски сличности сугерираат дека роднините на момчето можеби биле предци на човекот Виљабрун.
Истражувањето е објавено во списанието „Нејчр комуникејшнс“ (Nature Communications).