[ВИДЕО] Превозниците од регионот во проблеми поради новите ЕУ правила

Точка

20/12/2024

19:02

973

Големина на фонт

а а а

Доколку претставниците на Европската унија и земјите од регионот наскоро не постигнат договор за изземање на професионалните возачи од правилото „90 дена во 180 дена“, превозниците од регионот, со поддршка на нивните колегите од Турција и Молдавија, планираат да ги блокираат главните патишта кон ЕУ.

Ова правило, кое важи со години, стана извор на сериозни проблеми поради новите дигитални алатки кои овозможуваат лесно следење на престојот на возачите во Унијата. Строгото спроведување на правилата предизвикува казни и непријатности за возачите, а незадоволството меѓу превозниците расте.


Превозниците предупредуваат дека блокадата, која ја планираат со учество на половина милион единици за патен транспорт, може сериозно да ги загрози синџирите на снабдување кон и од ЕУ. Велибор Пеулиќ, координатор на Конзорциумот „Логистика БиХ“, посочува дека усогласувањето на правата на професионалните возачи со правата на кабинскиот екипаж од другите транспортни сектори може да ја спречи ескалацијата. Меѓутоа, доколку не се постигне договор, се најавува координирана сообраќајна блокада во целиот регион.

Компаниите од Босна и Херцеговина, кои со години имаат проблем со недостиг од професионални возачи, предупредуваат на можно дополнително влошување на состојбата. Не само што уште повеќе возачи би можеле да си заминат во земјите на ЕУ, туку и цели транспортни компании би можеле да ги преселат своите операции во Словенија или во други земји од ЕУ. Ова дополнително би ги оптоварило пазар на труд и економијата во земјите од регионот, предупредуваат превозниците.


Експертите потенцираат дека, заедно со можните блокади, примената на постоечките правила може да предизвика зголемување на цените на транспортните услуги за 25 отсто, што автоматски би довело до верижно зголемување на цената на стоките и услугите.

Се очекува лидерите на Западен Балкан и новото раководство на Европската унија да разговараат за овој проблем на 15 јануари во Брисел. Превозниците се надеваат на позитивен исход, особено по пресудата на Федералниот суд за администрација, азил и миграција во Салцбург, кој неодамна пресуди во корист на возач од Босна и Херцеговина. Оваа пресуда им дава надеж на возачите дека ќе бидат третирани како активни учесници во транспортот, а не како туристи кои подлежат на ограничувањата за престој.