Премиерот на Албанија, Еди Рама изјави дека Косово треба да го замрзне дијалогот со Србија без рок и да се стреми кон нормализирање на односите со неа преку билатерален дијалог со Европската унија, како и дека товарот на вината за деградацијата на тој процес мора да падне на Србија.
„Косово треба да го замрзне дијалогот. Билатералниот дијалог со Србија и нормализацијата на односите со северниот сосед треба да бидат фокусирани на дијалогот со ЕУ. Прекинување на папочната врвца на националистичкиот реципроцитет со Србија и врзување на папочната врвца на европскиот реципроцитет со ЕУ“, рече Еди Рама пренесува Косово онлајн.
Како што наведе, казнените мерки на ЕУ против Косово се апсурдни и мора да се укинат.
„Мерките се апсурдни и заедно со претседателот Османи на самитот на ЕУ пред два дена силно инсистиравме овие мерки да се отстранат. Но мораме да бидеме рака под рака и да ги убедиме и најголемите скептици во ЕУ во апсурдноста на нивните резерви во однос на признавањето на Косово како суверено. Во нивните очи, товарот на вината за деградацијата на европскиот дијалог за нормализација треба целосно да падне на Србија, но никогаш не смееме да дозволиме ни трошка да падне на Косово“, рече Рама.
Тој додаде дека би бил среќен доколку Косово биде рамо до рамо со Албанија на патот кон интеграцијата во ЕУ.
„Со потполно уверување велиме дека Албанците генерално се на патот на напредокот, дека тие се најдинамичната нација во овој дел од Европа и светот и дека имаат историска шанса да се приклучат на големото семејство на ЕУ со своите вредности“, рече Рама, потсетувајќи на зборовите на Ибрахим Ругова за целите за членство во ЕУ, НАТО и трајно пријателство со Соединетите Американски Држави.
Тој посочи дека Албанија сака да му помогне на Косово во секој поглед.
„Но, нашите можности, никогаш не заборавајте, не можат ниту да се споредат со можностите на нашите пријатели и стратешки сојузници, а нивната иритација кон Косово не спречува да правиме колку што сакаме“, рече Рама.