Украинските безбедносни служби стојат зад атентатот на Кирилов, објави Си-ен-ен

Макфакс

17/12/2024

11:41

305

Големина на фонт

а а а

Руски генерал, баран од Украина поради употреба на хемиско оружје, е убиен во експлозија во Москва, соопштија руските власти.

Генерал-полковник Игор Кирилов, шеф на силите за нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана, е убиен од експлозивна направа поставена во електричен тротинет пред станбена зграда на околу 7 километри југоисточно од Кремљ, соопшти рускиот истражен комитет. Во експлозијата загина и неговиот помошник, додаде комитетот, опишувајќи го како „терористички чин“.

Извор запознаен со операцијата изјави за Си-ен-ен дека украинските безбедносни служби стојат зад атентатот на Кирилов.

„Кирилов беше воен злосторник и апсолутно легитимна цел, имајќи предвид дека издал наредби за употреба на забранети хемиски супстанци против украинската армија. Таков неславен крај ги чека сите оние што убиваат Украинци. Одмаздата за воените злосторства е неизбежна“, рекол изворот.

Рускиот истражен комитет соопшти дека кривичната истрага за смртта е во тек, додавајќи дека на местото на настанот работат иследници, форензичари и оперативни служби. Се спроведуваат истражни дејствија и дејствија за оперативно-пребарување за утврдување на сите околности на кривичното дело“, соопштија од комисијата.

На снимката објавена на руските канали Телеграм се гледаат членови на итната помош како одат пред разрушениот влез во зградата, додека две тела лежат во снегот. „Најпрво помисливме дека можеби е истоварен цемент или нешто слично. Меѓутоа, експлозијата беше толку силна што не изгледаше како градежна работа. Беше многу страшно“, вели локален жител.

Се појави и фотографија на која се гледа изгорениот електричен скутер. Извор на Би-Би-Си истакна дека експлозивот бил активиран кога Кирилов и неговиот помошник се приближиле до зградата.

Моќта на експлозивната направа, која била активирана од далечина, била околу 300 грама ТНТ, пренесе руската државна новинска агенција ТАСС. Местото на експлозијата е опколено. Атентатот се случи еден ден откако украинското обвинителство го обвини Кирилов за употреба на забрането хемиско оружје во војната против Украина.