Албанија отвора уште еден кластер во преговорите со ЕУ

Макфакс

17/12/2024

12:46

260

Големина на фонт

а а а

Во Брисел денеска се одржа третата меѓувладина конференција ЕУ-Албанија на која за земјава беше отворен Кластерот 6 за надворешна политика.

Кластерот 6 се состои од преговарачки поглавја 30 (надворешни односи) и 31 (надворешна, безбедносна и одбранбена политика).

Делегацијата на ЕУ на Меѓувладината конференција беше предводена од министерот за надворешни работи и трговија Петер Сијарто во име на Унгарија, која претседава со Унијата до крајот на годината, и од албанскиот премиер Еди Рама.

Учествуваше и европската комесарка за проширување Марта Кос.

Албанија го отвори првиот кластер во преговорите за членство во ЕУ на 15-ти октомври.

„Денеска ја одржавме втората Меѓувладина конференција со Албанија за време на унгарското претседателство, преземајќи уште еден конкретен чекор во претпристапниот процес. Овој напредок го одразува нашиот силен фокус на интеграцијата на Западен Балкан, што е од клучно значење за стабилноста и иднината на ЕУ“, рече Сијарто.

Рама во Брисел истакна дека амбицијата на Албанија е да отвори повеќе кластери до пролет, а потоа да го заврши отворањето на поглавјата следната година. Тој додаде дека отворањето на Кластер 6 ја мотивира Тирана на нејзиниот пат кон ЕУ.

Во соопштението на Советот на ЕУ се наведува дека напредокот во усогласувањето и спроведувањето на правото на ЕУ и релевантните европски стандарди ќе продолжи да се следи за време на преговорите со Албанија.