Вкупно 11 случаи на „синдром на врколак“ се забележани кај бебиња ширум Европа поради изложеност на лекови против опаѓање на косата кои ги користеле нивните родителите, покажа новиот извештај.
Хипертрихозата, вообичаено наречена „синдром на врколак“, е ретка состојба која се карактеризира со абнормален раст на влакна на други делови од телото покрај скалпот. Овој раст на влакната, според Националниот институт за здравје на САД (NIH), може да го покрие целото лице и тело или да се појави во вид на помали, локализирани дамки.
Извештајот, спроведен од Центарот за фармаковигиланца на Навара (CFN) во Шпанија, покажа дека родителите на голем број бебиња погодени од синдромот користеле третман кој содржи миноксидил, а кој се користи за лекување на ќелавоста.
Миноксидил е лек дизајниран да го стимулира растот на косата и да го забави опаѓањето на косата. Може да се дава орално или како топикален раствор кој се нанесува директно на скалпот, пишува „Euronews“.
Првобитниот случај за првпат излезе на виделина кога CFN ја истражуваше ситуацијата на бебе кое прогресивно развило прекумерен раст на влакна на грбот, нозете и бутовите во текот на два месеци.
Според извештајот, таткото на бебето, кој бил на отсуство од работа еден месец за да се грижи за својот син, користел 5-процентен раствор – миноксидил за лекување на ќелавоста.
Сепак, во извештајот се додава дека по прекинот на контактот со лековите, симптомите кај заболеното бебе целосно исчезнале.
Кожата на бебињата е почувствителна од онаа на возрасните
CFN потоа изврши преглед на слични случаи користејќи податоци од шпанскиот систем за фармаковигиланца и базата на податоци „EudraVigilance“ на Европската агенција за лекови (EMA).
Нивната анализа открила дополнителни случаи со слични карактеристики кои вклучувале бебиња од Европа кои имале „синдром на врколак“ и чиишто родители користеле локален миноксидил за лекување на ќелавоста.
CFN предложи два можни начини на кои миноксидилот може да се пренесе од родителите на бебињата, орално или преку директен контакт со кожата.
Со оглед на тоа дека бебињата имаат потенка и почувствителна кожа во споредба со возрасните, лековите за локална употреба полесно се апсорбираат во нивните тела.
По овие наоди, Европскиот комитет за процена на ризикот на фармаковигиланца (PRAC) одлучи да ги ажурира информациите за медицинските производи кои содржат миноксидил.
Ревидираните упатства сега вклучуваат предупредувања за потенцијалниот ризик од прекумерно растење на влакна на телото кај доенчиња по контакт со области на коишто бил применет миноксидил.