Најголемата санта мраз на светот, со површина од 3.800 квадратни километри и дебелина од 400 метри, позната како А23а, повторно е активна и се движи, откако поголемиот дел од годината беше заробена во вртлог близу Јужните Оркнејски Острови.
А23а се оддели од Антарктикот во 1986 година, но брзо потоа се заглави близу брегот, потонувајќи со долниот дел во длабочините на Веделското Море. Таму остана неподвижна повеќе од три децении. Во 2020 година почна да се движи кон север, но од пролетва повторно беше заробена во вртлог.
Британското Антарктичко истражување (БАС) неодамна потврди дека санта мраз повторно се движи кон север. Океанографот д-р Ендрју Мајерс изјави дека е возбудливо да се види оваа огромна санта мраз во акција по долг период на стагнација. Според него, научниците се заинтересирани да го следат нејзиното патување, бидејќи може да се движи по слични траси како претходните големи ледени брегови кои се одделиле од Антарктикот.
Очекувањата се дека А23а на крајот ќе влезе во Атлантскиот Океан, каде што потоплите води ќе предизвикаат нејзино распаѓање на помали парчиња и целосно топење.
Истражувачите се занимаваат и со влијанието на овие ледени брегови врз локалните екосистеми. Лора Тејлор, биогеохемичар и член на екипажот на истражувачкиот брод „Сер Дејвид Атенборо“, објаснува дека големите ледени брегови можат да обезбедат важни хранливи материи за водите низ кои поминуваат, создавајќи просперитетни екосистеми во инаку помалку продуктивни области. Сепак, уште е нејасно како големината и потеклото на овие ледени маси влијаат врз овие процеси.
Собраните податоци од водите околу А23а ќе помогнат во подобро разбирање на улогата на ледените брегови во одржувањето на биолошката разновидност и динамиката на океанските екосистеми.