Западните земји ја осудија воената соработка на Русија со Северна Кореја

Макфакс

16/12/2024

21:28

409

Големина на фонт

а а а

Неколку западни земји и Европската унија го осудија зајакнувањето на воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја.

Заедничката изјава беше потпишана од министерствата за надворешни работи на Австралија, Канада, Италија, Франција, Јужна Кореја, Јапонија, Нов Зеланд, Обединетото Кралство, САД и Европската унија.

„Директната поддршка на Северна Кореја за руската агресивна војна против Украина означува опасна ескалација на конфликтот, со сериозни последици за европската и индо-пацифичката безбедност“, се вели во соопштението.

Владите на овие земји, исто така, изразија загриженост за економската поддршка што Москва му ја дава на Пјонгјанг, бидејќи ја влошува ситуацијата на Корејскиот полуостров.

„Длабоко сме загрижени за каква било политичка, воена или економска поддршка што Русија може да ја дава на незаконските програми за оружје на Северна Кореја, вклучително и оружје за масовно уништување и нивните средства за испорака, што би ја влошило и онака напнатата ситуација на Корејскиот Полуостров“, се додава во изјавата.

Западните земји ги повикаа Русија и Северна Кореја да ги повлечат своите трупи од Украина.