Раде Шербеџија, актерот чиј глас и харизма допираат во најдлабоките емоции, веќе со децении е симбол на уметничката страст и автентичност. Неговиот творечки пат, богат и разновиден, е исполнет со незаборавни улоги, стихови и мелодии кои зборуваат на универзалниот јазик на човечноста.
Со брада и шешир. Смирен и трпелив. Раде Шербеџија и по три децении откако го сними филмот „Пред дождот“, е речиси оној истиот што го познава македонската публика. Легендарниот актер и уметник сега повторно дојде во Скопје за да ја одбележи 30-годишнината од дебито на Милчо Манчевски, кој стана првиот македонски филмаџија што влезе во трка за „Оскар“, а притоа и главниот актер доби меѓународна видливост во светот на кинематографијата. Оттогаш Манчевски и Шербеџија станаа пријатели.
Двајцата некогашни соработници беа присутни на прес-конференцијата по повод 30-години јубилејот на „Пред дождот“, по која „Точка“ доби можност да седне и поразговара со Шербеџија.
Во овој разговор, Шербеџија открива како животните искуства го обликувале, што денес го инспирира и како се справува со промените што ги носат времето и околностите. Неговите мисли за уметноста, љубовта и минливоста на животот зрачат со топлина и мудрост, потсетувајќи нè на моќта на искреноста и едноставноста.
Како дете, што мислевте дека ќе бидете кога ќе пораснете? Дали актерството беше дел од таа слика?
Не. Како дете, отсекогаш сакав да бидам фудбалер, бидејќи одлично играв фудбал. А подоцна, како момче во пубертет, со некои 16, 17 години сакав да студирам книжевност и, можеби, да се занимавам со новинарство. Едноставно, не бев толку егоистичен и самољубив, па да верувам дека ќе бидам писател.
Се сеќавате ли на вашата прва одбиена улога? Како се чувствувавте и што научивте од тоа искуство?
Па, тоа беше навистина реткост во животот. Сè на сè, можеби два, три пати. Се сеќавам дека во еден филм каде што главниот продуцент сакаше токму јас да имам улогата, режисерот рече „не“. Тој сакал друг актер. Всушност, никогаш не бев одбиен.
Како изгледаше уметничката сцена во времето кога почнувавте? Дали чувствувавте притисок или слобода?
Ха! Па, јас живеев во една земја којашто беше слободна. И покрај тоа што ги обожував дисидентите (отпадниците), па понекогаш и самиот подоцна, како позрел актер, се чувствував дисидентно … Бидејќи играв во тие филмови на Живоин Павловиќ, Макавеев, таканаречениот „црн бран“ во Југославија, југословенскиот филм. Но! Живеев во една земја во која сепак сè беше дозволено, па и критиката. Имаше и забранети филмови, забранети некои работи, но имаше и многу слобода. За разлика од, на пример, Унгарија во тоа време, Чехословачка, Полска, Романија, Бугарија, сите тие наши соседни социјалистички земји. Ние бевме еден поинаков социјализам. Нè нарекуваа социјализам со човечки лик.
Дали Инес, како симбол, за вас претставува одредена личност, состојба на умот, или универзален дух на некогашните љубови?
(се насмевнува) Знаете, „Инес“ беше создадена … Таа е песна на Арсен Дедиќ. Меѓутоа, масовен број луѓе мислеа дека тоа е моја песна. И јас самиот многу ја сакав. Но некако, всушност, е заедничка. Бидејќи, сето она што Арсен го напиша, веројатно јас да не го изрецитирав, не би било таков хит. А стана огромен хит, затоа што јас во тоа време бев многу познат млад актер, кого луѓето и генерациите го сакаа. Така што, не е само „Инес“ песната која стана популарна, туку и многу други песни коишто јас ги ставив на албум станаа еден вид симболи.
Инес, конкретно, претставува една убава порака за младоста – во која жената во тоа време, од тие луѓе, кои како Арсен – кој ја напиша таа песна, до мене, кој на таков начин говорам и ја застапувам, каде жената е ставена на еден вистински пиедестал … Симбол на слободата, симбол на силата, убавината … И порака, и поддршка до таа храбра жена да продолжи во таа смисла … конкретно во остварување на својата слобода. Тука навистина и Арсен и јас сме феминисти. (се смее)
Тука имаше и една приказна, анегдота. Пред едно десетина години, додека Арсен сè уште беше жив, ми се јави на телефон и ми кажа го побарала новинарката Трповиќ, која има емисија за интервјуа со познати личности и дека дошла на одлична идеја авторите во тоа студио да ги сретнат ликовите за кои пишувале, пееле итн., нивните музи … E сега, таа жена за која тој пишуваше, песната по која е настаната „Инес“ – тоа е една Словенка, која требало да се појави во таа емисија и да разговара со мене и Арсен.
И јас му велам: „Хм. Колку години денес има Инес?“ (се смее)
„Па, постара е од мене две години“.
„Аха“, му реков јас. А, внимавајте, тоа беше пред 10 години. Тој, тогаш пред 10 години имаше 68.
„Значи таа сега има 70 години, да? Па замисли го бламот сега Инес да се појави како некоја дебела, смешна или не знам каква баба од 70 години. Па ќе ни замине симболот по ѓаволите“, му говорам јас.
„Ма, оди ти во пи*ку материну“, и ми ја спушти слушалката. (се смее)
Бидејќи сфати дека сум во право и, секако, не прифати тоа да се случи. Инес мора да остане како симбол. Знаете, финтата е во тоа што и кога денес говорам за „Инес“, младите луѓе ја знаат напамет. Младината ги знае тие текстови и се поистоветува со истите. Едноставно, остана симбол.
Како ја разбирате симболиката на дождот во „Пред дождот“? Дали таа повеќе е знак на слобода, уништување или нешто неизбежно?
Па, да, самиот назив „Пред дождот“ е предупредувачки. Дека сиот тој силен дожд може сите да нè однесе и уништи. Тоа е страв од орканот и невремето кои доаѓаат. Како што Милчо имаше право со тој филм. И уништи масовно наши луѓе. Изгледа, што е парадоксално, кон Македонија, за која Милчо го напиша тоа сценарио и приказна, беше најблаго. Дека тој пороен дожд, беше најблаг.
Кога помислувате на дом, што прво ви доаѓа на ум – луѓе, мириси, или некоја посебна фраза која често сте ја слушале?
Има една убава реченица, од еден голем хрватски поет, по мене најдобриот после Миљковиќ, кој го обожувам – Данијел Драгојевиќ. Тој напиша еден стих:
„Пријатели, ајде да се вратиме во нашите куќи. Но, каде е нашиот дом?“
Таа приказна за домот е и моја честа тема, за која имам пишувано и во моите песни, и во моите прозни книги наречени „До последниот здив“ и „По дождот“. Што е тоа дом, каде е мојот дом? И тогаш всушност, објаснив дека тој дом, домот … Дека јас својот дом го носам секаде со себе. И дека мојот дом е онаму каде го потпалувам огнот за да направам ручек за моите деца, за моето семејство. Тој може да биде во Истра, може да биде среде Македонија, Лос Анџелес, во Лондон каде што бев, или сум патувал. Затоа што, еден ден, кога ќе ја загубиш земјата која била твоја … твоето огниште, што за мене всушност беше Југославија, наеднаш стануваш граѓанин на светот. И, иако на почетокот тоа го чувствуваш како некоја тага и голема загуба … Во еден момент, по извесно време, ќе се почувствуваш посилен, помоќен, се чувствуваш како граѓанин на светот – над некои мали области во кои си роден, со кои си живеел, кои си ги познавал … Поопасно е да бидеш граѓанин на светот, но, на некој начин и поважно.
Ако можете да го прашате Универзумот едно прашање, кое би било тоа?
Ха! Постојат неколку зборови. Да речеме, во смисла на песимизмот кој го чувствувам, во однос на светот во кој живееме, би го прашал Универзумот: „Зошто?“. Или, второто прашање: „До кога?“. Од друга страна, всушност, би молчел. Пред тоа совршенство, пред таа сила, која дава и убавина и трага на нашиот живот.
Автор: Симона Коцевска
Фото: Види Вака
ТОЧКА МЕДИА 2024