Откритие од писмата на браќата Грим: Германците за овој неодолив деликатес знаеле уште во 1812 година

Точка

07/12/2024

18:04

4.619

Големина на фонт

а а а

Тетката на браќата Грим, Хенриета Цимер, им напишала на своите внуци Јакоб и Вилхелм во 1812 година дека им испраќа чоколадни топчиња. Вилхелм се заблагодарил во своето писмо, пишувајќи „не одам на прошетка без неколку во џебот“, јавува новинската агенција ДПА.

Чоколадото за јадење, досега се верувало, се појавило во Германија во 1828 година. Меѓутоа, постојат индикации дека деликатесот бил познат уште порано.

Доказот го пронашла научничка од „Универзитетот во Касел“ во писмата на браќата Грим. Досега, пронајдокот на пресата за путер од какао во 1828 година од страна на Холанѓанецот Конрад Јохан ван Хаутен се сметаше за почеток на чоколадото.

Историчарката на уметност Андреа Линебах-Вегнер ја проучувала преписката на браќата Грим со постарите членови на семејството.


„Наидов на неколку пасуси во кои се спомнуваат чоколадните топчиња, кои, како културна историчарка, веднаш ме фасцинираа“, рекла Линебах.

Така, тетката на браќата Грим, Хенриета Цимер, им напишала на своите внуци во 1812 година дека им испраќа чоколадни топчиња.

Хенриета Цимер била дворска дама на хесенската книгиња и таа, наводно, до овој редок деликатес дошла кога во 1806 година во текот на француската окупација на Касел, со својата господарка побегнала во Гота. Тамошниот дворски слаткар веќе тогаш експериментирал со цврстото чоколадо.

Јакоб и Вилхелм Грим во тоа време живееле во Касел и ги пишувале своите познати бајки.


Во писмото од 7 март 1812 година, Вилхелм се заблагодарил на својата тетка за „пријатниот подарок од чоколадо“ и додал: „Не одам на прошетка без неколку во џебот“.

Преку оваа кореспонденција, Линебах го пронашла рецептот на дворскиот слаткар од Гота за „чоколадните пралини“. Се претпоставува дека тоа биле токму подароците на тетка Хенриета.

Научничката го нарекува своето откритие „мала сензација во културната историја“.


Преписката на браќата Грим беше објавена минатата година, но раните докази за чоколадото дури сега станаа пошироко познати, бидејќи Линебах поттикнала една продавница во Касел да ги направи топчињата направени по рецептот на Гота.