Ако не сте сигурни што да облечете за дочекот на Новата година, следете го примерот на Меган Маркл, која со својот изглед повторно покажа како едноставноста може да биде врв на елеганцијата.
Синоќа, на гала прославата во чест на режисерот и филантроп Тајлер Пери, што се одржа во луксузната населба Беверли Хилс, војвотката од Сасекс ги привлече погледите со својот избор на облека. Таа носеше долг, класичен црн фустан без прерамки, украсен со суптилен исечок напред, кој додаде доза на модерна префинетост на нејзиниот стил.
Минималистичкиот елегантен дизајн го нагласи нејзиниот природен изглед, а комбинацијата со дијамантски накит беше совршен баланс помеѓу едноставноста и гламурот. Нејзината природна шминка и дискретна фризура дополнително ја истакнаа нејзината класична убавина, покажувајќи дека понекогаш помалку е повеќе.
Меган на настанот присуствуваше без својот сопруг, принцот Хари, бидејќи, како што се дознава, двојката одлучила самостојно да посетуваат различни настани со цел да покријат повеќе обврски.
Нивното пријателство со Тајлер Пери е добро познато. Тој е кум на нивната ќерка Лилибет, што дополнително го зацврсти нивниот однос. Освен тоа, во првите месеци од нивното преселување во САД, кралската двојка престојуваше во неговиот дом – гест што зборува за големата поддршка и блискост помеѓу нив.
Пери, познат не само по своите режисерски и актерски таленти, туку и по својата филантропска работа, е личност која ужива голема почит во Холивуд и пошироко. Неговата гала прослава беше можност за собирање на бројни познати личности, но изгледот на Меган несомнено остави силен впечаток.
Со овој едноставен, но впечатлив избор, Меган уште еднаш докажа дека нејзиниот стил продолжува да инспирира жени ширум светот. Ако барате идеја за новогодишниот стајлинг, елегантен црн фустан како овој е безвременски избор што нема да погрешите.