Понекогаш филмот може да биде многу повеќе од само забава – може да нè поттикне да размислуваме, да предизвика силни емоции и да фрли светлина на важни општествени прашања. Додека комедиите се идеални за релаксација, некои филмови оставаат длабока емотивна трага. Еден таков филм, кој гледачите го нарекуваат „најтажниот кој некогаш го гледале“, предизвика бурни реакции, па поради тоа многумина го препорачуваат заедно со пакет марамчиња.
Се работи за филмот „Can You See Us?“ од 2022 година кој беше режиран од замбискиот режисер Кени Мумба, а сценариото го напишаа браќата Ендру и Лоренс Томпсон. Овој филм стана првиот замбиски наслов кој стигна до Нетфликс, премиерно прикажан во август 2023 година.
Дејството го следи животот на Џон Чити, момче родено со албинизам, кое се соочува со отфрлање и неприфаќање уште од раѓањето. Неговиот татко го напуштил, а неговото детство е обележано со болни искуства – врсничко насилство и разни трагедии. Него во детството го толкува Табо Каамба, додека во подоцнежните години го толкува Џорџ Сиказве.
Филмот е инспириран од реалниот живот на Џон Чити, сега веќе познат замбиски музичар со албинизам, кој самиот придонесе кон пишувањето на сценариото. Во интервју за Фондацијата Томас Ројтерс во 2020 година, Чити отворено прозборе за сопствените искуства додека растел и бил отфрлен.
„Кога се родив, моето семејство беше збунето. Не можеа да поверуваат дека припаѓам таму, што доведе до развод на моите родители“, рече тој, пренесе „Unilad“. Тој ја основа Фондацијата за луѓе со албинизам во Замбија и порача: „Не сум јас тој кој треба да се промени, туку општеството треба да го промени својот став кон нас“.
И покрај тоа што филмот беше објавен пред неколку години, дури неодамна го привлече вниманието на пошироката публика, а реакциите на гледачите беа исклучително емотивни. На Фејсбук страницата на „LADbible’s Netflix Bangers“, многумина ги споделија своите искуства, со предупредувања дека филмот е исклучително трогателен.
„Подгответе ги марамчињата“, „Плачев толку многу гледајќи го ова“ и „Најтажниот филм досега, но вистинско отворање на очите – страшно е колку голема омраза може да претрпи едно невино дете. Ми го скрши срцето“, беа само дел од коментарите.
Многумина го опишаа филмот како емотивно моќен и потресен, со порака дека дава вреден увид во предизвиците со кои се соочуваат луѓето со албинизам.