Новото истражување покажа изненадувачко значење на социјалните мрежи за постарите од 50 години

Точка

22/11/2024

19:01

11.846

Големина на фонт

а а а

Веќе е познато тврдењето дека поминувањето долго време на социјалните мрежи не е толку добро за менталното здравје. Меѓутоа, една нова студија би можела да го смени ова – сугерирајќи дека времето поминато на социјалните мрежи би можело да им помогне на возрасните постари од 50 години во намалувањето на симптомите на депресија за околу девет отсто.

Истражувањето, кое анализираше повеќе од 87.500 возрасни лица, исто така сугерира дека може да го зголеми целокупното задоволство од животот. Корисниците на интернетот, исто така, го оценија своето здравје за околу 15 отсто подобро во однос на оние кои не употребуваат интернет.


„На луѓето на повозрасни години, кои често се соочуваат со ограничувања во мобилноста и активноста, користењето на Интернет им нуди вредна можност и алтернатива за пристап до здравствени информации и е важен канал за социјални врски и онлајн забава“, пишуваат коавторите во студијата.

Тие додаваат дека со надминување на социјалните и просторните бариери, користењето на интернет може да им ги олесни врските со семејството и пријателите, правејќи ги социјалните мрежи попопуларни меѓу средовечните и постарите возрасни лица.

Студијата, објавена во списанието „Nature“, ги анализирала навиките на интернет на поединци од 23 земји, кои споделиле информации за зачестеноста и природата на нивната употреба на интернетот. Истражувачите потоа анализирале како овие навики влијаат врз симптомите на депресија и задоволството од животот на учесниците.


Возрасните од САД, Обединетото Кралство и Кина доживеале најпозитивни ефекти. Придобивките биле исто така силни за корисниците над 65 години, кои не биле во брак и кои инаку имале пониски нивоа на социјален контакт.

Во шесте групи на кои истражувачите се фокусирале, некои корисници го користеле интернетот помалку од еднаш неделно. Меѓутоа, во земји како Кина, САД и Велика Британија, возрасните кои почесто користеле интернет имале подобро ментално здравје.

„Овие придобивки беа конзистентни низ сите земји, истакнувајќи го потенцијалот на интернетот како алатка за подобрување на менталното здравје на глобално ниво“, изјави за „BBC Science Focus“, д-р. Кингпенг Канг, коавтор на студијата.


Иако податоците од студијата не открија информации за можните негативни ефекти на интернетот врз менталното здравје, некои експерти тврдат дека тоа е меч со две сечила.

„Не треба да гледаме на целокупната употреба на интернетот како на хомогено влијание. Сакам да го гледам интернетот како алатка која, доколку се користи соодветно и умерено, може да помогне во поврзувањето на луѓето со другите луѓе, но не може да ја замени значајната интеракција во живо која е толку важна за намалувањето на осаменоста“, вели професорката Андреа Вигфилд, директорка на Центарот за „Loneliness Studies“, која не билa вклучена во истражувањето.