Проектот „Waterworld“ предвидува изградба и поставување на огромен подводен кабел со должина од 50.000 километри, кој ќе ја опфати целата планета и ќе поврзе пет континенти.
Технолошкиот гигант "Meta" – сопственик на "Facebook", "Instagram" и "WhatsApp" – сака да го прошири своето присуство надвор од социјалните мрежи, вклучувајќи вештачка интелигенција и инфраструктура која ќе ја поддржи оваа технологија, пренесува "RTS".
Глобално подобрување на интернет конекцијата
Новата подводна мрежа ќе обезбеди извонредна поврзаност меѓу петте големи континенти, што ќе помогне во идните "AI" проекти на "Meta".
„Проектот ќе овозможи подобра економска соработка, ќе поттикне дигитална инклузија и ќе отвори можности за технолошки развој во овие региони“, соопшти "Meta".
Овој кабел ќе биде најдолгиот некогаш направен, со структура од 24 пара оптички влакна, што ќе му овозможи огромен преносен капацитет.
Подводните кабли – клучни за глобалниот интернет
Подводните кабли станаа есенцијални за дигиталната инфраструктура во последните неколку децении, овозможувајќи брз пренос на огромни количини податоци.
Доволно е да се каже дека над 95% од глобалниот интернет сообраќај минува преку подводни кабли.
Според "TeleGeography", во моментов ширум светот се користат околу 600 подводни кабли.
Еден од нив е „2Africa“, долг 45.000 километри, кој беше финансиран од "Meta", како и од телекомуникациските компании "Orange", "Vodafone" и "China Mobile", а поврзува три континенти.