Мециновиќ по ескалацијата во Собранието: Наместо одговори, ДПМНЕ му сервира пцости и насилство на народот

Макфакс

21/11/2024

18:11

317

Големина на фонт

а а а

ВМРО-ДПМНЕ ја ескалира ситуацијата во Собранието затоа што се опиени со власт и бидејќи се, просто, насилници, изјави на прес-конференција, пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ откако за влакно беше избегната тепачка во Собранието, помеѓу пратеникот од Левица, Димитар Апасиев и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоранчо Јованчев.

„Првата седница за пратенички прашања ја ескалираше нивниот вожд, премиерот Христијан Мицкоски, а втората ја ескалираа неговите партиски потрчковци. Потполно малограѓански, насилнички и дерегулирано, во својство на растроени луѓе – пратениците на ДПМНЕ, постојано, вон сите норми на парламентарството, сите норми на нормалното комуницирање и вон сите норми кои се однесуваат на политичката дискусија помеѓу партиите во ова Собрание, се користат со најодвратни механизми за провокација и навредување“, рече Мециновиќ.

Како што рече, пратникот Зоранчо Јованчев кој се немал појавено на собраниската говорница, денеска го опцул претседателот на Левица, Димитар Апасиев, спомнувајќи го неговото семејство.

„Интересно е за јавноста, бидејќи ни јавноста не го знае овој пратеник, како што и ние колегите не го знаеме – Зоранчо Јованчев има две кривични пријави. Една за дивоградба во Лозово, а другата е за крадење на вода, за приклучок. Значи, се работи за дерегулирани луѓе кои во Собранието гледаат простор, не за политичка дискусија, туку за малограѓански сценарија. Така беше и со пратеникот Александар Велјановски кој заедно во комбинација со првоспоменатиот пратник, пробаа насилнички да извадат сцена со која ќе избегнат одговори на прашањата на Левица“, рече Мециновиќ.

Додаде дека Левица не и’ се плаши на ВМРО-ДПМНЕ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг