Бараме редовни автобуски линии: Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ изразува загриженост поради ситуацијата со јавниот превоз

Макфакс

21/11/2024

16:23

226

Големина на фонт

а а а

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ изразува сериозна загриженост поради актуелната ситуација поврзана со ЈСП и редовните автобуски линии.

Според нив, необезбедувањето јавен превоз има огромно негативно влијание врз животот на граѓаните, особено на децата и младите кои зависат од јавниот превоз за да стигнат до училиштата и во образовните институции. Сметаат дека обезбедувањето достапен и сигурен јавен превоз е основно право на секое дете и млад човек, а за да ги обезбедиме тие права, мора да се обезбеди безбедност, редовност и континуитет на транспортните линии.

„Заглавени во политичките пресметки надлежните институции не обезбедуваат соодветна организација на јавниот превоз, што директно ги загрозува основните права на децата, пред сѐ, правото на образование. Без редовни автобуски линии, учениците и студентите се принудени да се соочат со големи тешкотии во секојдневниот превоз, што доведува до пропуштени часови и недостиг на образовни можности. Оваа ситуација е неприфатлива и не смее да се оправдува. Некои случувања во општеството не смее да оправдаат и да следат политички интереси.

Важно е да се нагласи дека граѓан(к)ите не треба да бидат заложници на политичките игри и да страдаат од одлуките што ги засегаат нивните основни потреби и права. Апелираме до сите надлежни институции да преземат итни мерки за воспоставување редовни и сигурни автобуски линии, кои ќе овозможат нормален тек на образованието и секојдневниот живот на децата, како и на граѓаните во целост, без разлика на нивната возраст или политичка припадност“, истакнуваат од „Меѓаши“.

Првата детска амбасада во светот бара итно решение и обезбедување стабилни, редовни и безбедни автобуски линии, кои ќе ги задоволат потребите на учениците и студентите, како и на сите други корисници на јавниот превоз. Како организација, како што велат, поддржуваат дијалог, иницирање иницијативи за решение на оваа ситуација и ги охрабруваме сите што се одговорни за јавниот превоз да ги стават интересите на граѓаните пред политичките пресметки за да осигурат нормален тек и праведен пристап до образование, односно основни услуги за кои децата имаат право.



Спонзорирани линкови

Маркетинг