Ненавремено доставување на пратките, долгови, задолженост со кредити и камати, неправилности со јавните набавки, систематизацијата, се само некои од забелешките нотирани од Државниот завод за ревизија (ДЗР) на финансиските извештаи на „Пошта на Северна Македонија“ за 2023 година.
Од ДЗР информираа дека со извршената ревизија утврдено е дека постојаните загуби во работењето влијаат на навремената достава и квалитетот на услугата, а недостигот на точни, веродостојни, целосни и усогласени евиденции за земјиштето и градежните објекти влијае на реалното и објективно прикажување на податоците во трговските книги.
Утврдени се неправилности во начинот на генерирање на излезните фактури, како и тешкотии во потврдувањето на точноста и целосноста на остварените приходите по основ на услуги од поштенски сообраќај. Несоодветно пропишаните сметководствени политики за опремата, резервите и побарувањата влијаат на реалното и објективно проценување на позициите во финансиските извештаи и финансискиот резултат од работењето. Се констатира и дека не е извршено правилно разграничување на некои од трансакциите во соодветната година поради што во годината предмет на ревизија искажани се повеќе трошоци и приходи.
„Не се врши резервирање на трошоците за испратнина и јубилејна награда во временскиот период кога настанале, што влијае врз реално и објективно прикажување на состојбата на обврските и расходите во финансиските извештаи. Не е извршен ниту точен упис на вредноста на основната главнина на друштвото во Централниот регистар на Република Северна Македонија и Централниот депозитар за хартии од вредност“, утврдија ревизорите.
ДЗР известува за неповолната финансиска положба во која се наоѓа друштвото почнувајќи од 2017 година, при што во континуитет остварува загуби во работењето. Истовремено, ја истакнуваат неговата задолженост со заеми, кредити и пресметани камати по тој основ, што дополнително ја влошува финансиска состојба и ја нарушува ликвидноста.
Од ДЗР велат и дека утврдени се слабости во актот за систематизација на друштвото, како и ненавремена достава на пратки во поштенскиот сообраќај, односно само 59,7 отсто од пратките биле доставени навреме, што е далеку под пропишаните стандарди.
„Во 2023 година 59,7 отсто од пратките биле доставени во првиот ден, а 30,5 отсто биле доставени во период подолг од три дена. Овие резултати укажуваат на отстапување од поставените цели од Светскиот поштенски сојуз, кој пропишува минимален стандард од 75 отсто и максимален стандард од 88 отсто за успешно и навремено доставени пратки“, се вели во извештајот на ревизорите.
Истражување за задоволството на корисниците
Се наведува дека не е воспоставено посебно сметководство за утврдување на нето-трошоците што настанале со обезбедување на универзалната услуга поради што не се обезбедени основните услови за финансирање од Компензацискиот фонд, со кој управува Агенцијата за пошти. Утврдено е надминување на законски дозволениот годишен износ за набавки на стоки, услуги и работи, без спроведување постапка за јавна набавка, како и неправилности во начинот на спроведување и реализација на постапките за јавна набавка на услуги за осигурување.
Извештајот натаму констатира дека не се преземени активности за законско отуѓување на расходуваните средства и утврдени се законски неусогласености кај склучените договори за вршење услуга и договори за услуги – договорен пошторазнесувач, како и во менаџерските договори.
За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.
Во делот на нагласување за прашања ревизијата обелоденува за: големото културно и национално значење што го има руинираниот градежен објект „Шалтер-салата‘‘, а кој подолг временски период е напуштен и неупотреблив, како и потребата од враќање на неговиот првобитен изглед и функционалност; ненавремената наплата на побарувањата и зголемувањето на обврските, како и нивното влијание врз ликвидноста на друштвото; судските постапки пред надлежните судови, каде што АД „Пошта на Северна Македонија“ се јавува во својство на тужена страна и тужител; и неизвесноста во однос на враќањето парични средства, кои се украдени поради злоупотреба на службената положба.
Во делот на внатрешните контроли укажуваат на недостатоци и проблеми во функционирањето на информацискиот систем, што претставува ризик за квалитетно и навремено вршење на дејноста од страна на друштвото.
Со ревизијата утврдени се чести измени на актот на систематизација, особено во однос на бројот на извршители, работното искуство, степенот на образование и видот на стручна подготовка. Утврдени се и неправилности во пополнување на работните места и евиденцијата на работното време, како и во пресметката на додатоци, надоместоци и награди за дел од вработените. Понатаму, друштвото има склучено договори со 276 пошторазнесувачи, но дел од нив, наместо за договорените услуги, ангажирани се за извршување на други административни задачи.
Во извештајот од ДЗР се подвлекува дека во септември 2023 година и покрај континуираниот негативен финансиски резултат, друштвото извршило зголемување на месечната нето плата на директорите на сектори, заменик генералниот и генералниот директор за 42% до 58% соодветно, што не е во согласност со Законот за трговски друштва. Според законот, во случај на намалена добивка или значително влошена финансиска состојба на друштвото, надоместокот на плата и другите бенефиции, предвидени во менаџерскиот договор може да се намалат.
Како посебно прашање ДЗР ја истакнува потребата од подготвување стратегија за развој на поштенските услуги од страна на Министерството за транспорт и нејзино усвојување од Собранието.
Од страна на директорот на АД „Пошта на Северна Македонија“ доставени се забелешки по нацрт-извештајот на овластениот државен ревизор, тие се разгледани и констатирано е дека повеќето од нив претставуваат известување за преземени мерки и активности по утврдени состојби и дадени препораки, како и известување за причините што довеле до утврдената состојба, една забелешка е делумно прифатена и една е прифатена поради дополнително доставени докази.