Сузан Сарандон вели: „Добив отказ поради мојата изјава за Палестина“

Точка

11/11/2024

09:11

3.916

Големина на фонт

а а а

Холивудската актерка Сузан Сарандон (78) неодамна во интервју за „The Times“ откри дека добила отказ од нејзината агенција. Поради ова, како што рече, повеќе не може да глуми во големи филмови, а актерката навести дека причината за отказот била нејзината неодамнешна изјава околу конфликтот помеѓу Израел и Палестина.

Во ноември минатата година, Сарандон учествуваше на протест во Њујорк, каде што изјави дека „Евреите сега знаат какво е чувството да се биде муслиман“. Набргу потоа, „United Talent Agency“, предводена од Џереми Зимер, ја отпушти Сарандон и покрај нејзиното извинување за изјавата.

Актерката своите зборови ги нарече „огромна грешка“, а за „The Times“ откри колку ја чинела таа изјава: „Бев отпуштена од мојата агенција, моите проекти беа повлечени. Ме искористија како пример за тоа што не треба да направите доколку сакате да продолжите да работите“.


„Толку многу луѓе останаа без работа“

„Толку многу луѓе останаа без работа од ноември минатата година … Ги загубија своите работни места како кустоси, писатели, сликари, работници во кафетериите, заменски наставници кои беа отпуштени поради нивните објави на социјалните мрежи, или поради тоа што лајкнале нешто или поради тоа што апелирале да се прекине огнот“, додаде Сарандон. На прашањето за потенцијалните нови улоги, таа потенцираше дека во Холивуд веројатно нема да има ништо од нови улоги.


Сузан Сарандон и претходно беше мета на бројни критики поради нејзините изјави и ставови околу војната. Покрај тоа, таа ги „ретвитна“ објавите во кои го слави фронтменот на Пинк Флојд, Роџер Вотерс, кој со години беше обвинуван за антисемитизам. Една од оние кои ја критикуваа Сарандон на социјалните мрежи беше и муслиманско-американската новинарка Асра Номани.

„Оди, живеј како муслиманка“

„Не го минимизирајте искуството на еврејските Американци, намалувајќи го пеколот кој постои за муслиманите кои живеат во муслиманските земји и оцрнувајќи ја Америка поради животот и слободите кои им ги нуди на муслиманите како што е моето семејство.

Оди живеј како муслиманка во муслиманска земја. Ќе се вратиш назад во Америка и ќе ја бакнеш земјата под своите нозе“, напиша Номани на „X“.