Горан Иванишевиќ ќе стане тренер на едната од најдобрите тенисерки на светот

Точка

01/11/2024

18:02

2.099

Големина на фонт

а а а

Познатиот хрватски тенисер, а денес тренер Горан Иванишевиќ (53) ќе има нов работен ангажман откако во март 2024 година ја прекина соработката со Новак Ѓоковиќ (37). Иванишевиќ во иднина ќе ја тренира казахстанската тенисерка Елена Рибакина (25), петта на ВТА ранг-листата.


Иванишевиќ му се приклучи на тимот на Ѓоковиќ во првата недела на Вимблдон во 2019 година. Со српскиот шампион постигна бројни успеси, но и мина низ најтешките моменти, како што беше дисквалификација од УС Опен и депортацијата од Австралија. Заедно освоија серија Гренд слем титули со кои Ѓоковиќ стигна до бројката од 24 и според многумина стаса до статусот на најдобар тенисер во историјата. Иванишевиќ како играч беше одличен сервер и забележливо е дека Ѓоковиќ под негово водство го подобри овој сегмент од играта.


Во текот на својата играчка кариера, која траеше од 1988 до 2004 година, легендарниот хрватски тенисер освои 22 титули, а се издвојува титулата од Вимблдон во 2001 година, кога го освои овој турнир како 125 играч на АТП листата.

Чилиќ освои еден, а Ѓоковиќ освои девет Гренд слем титули додека соработуваа со Иванишевиќ

Пред соработката со Ѓоковиќ, Иванишевиќ беше тренер на сонародникот Марин Чилиќ (2013-2016), Чехот Томаш Бердих (2016-2017) и Канаѓанецот Милош Раониќ (2018-2019). Чилиќ ја освои својата единствена Гренд слем додека соработуваше со Горан – УС Опен во 2014 година, додека Ѓоковиќ освои девет трофеи на најголемите тениски турнири во текот на нивната соработка.


„Знаев дека доаѓа тоа време. Новак веќе беше презаситен од мене, и обратно. Едноставно, на врските им доаѓа крајот, но се разделивме како пријатели. Немаше караници. Новак го постигна сето тоа, а јас малку му помогнав“, изјави Иванишевиќ по разделбата со Ѓоковиќ.

„Беше голема чест, но во исто време и голема одговорност да тренирам генијалец. Не беше секогаш лесно. Прво се појави проблемот со пандемијата, а потоа и дисквалификацијата на УС Опен. Потоа се случи таа епизода во Мелбурн. Имаше навистина комплицирани моменти“, изјави Иванишевиќ во средината на мај.

Оваа година Рибакина ја прекина контроверзната соработка со другиот хрватски тренер

Според пишувањата на повеќе медиуми, Иванишевиќ ќе ја преземе Рибакина од следната сезона. Според официјалната веб-страница на ВТА, Рибакина во кариерата има освоено осум турнири, со биланс од 330 победи и 141 пораз. Нејзиниот најголем успех беше освојувањето на Вимблдон во 2022 година, додека од турнирите заработи вкупно околу 13,8 милиони евра. Таа моментално е петта тенисерка во светот, а во тековната сезона има освоено три турнири.


Казахстанката се најде во фокусот на јавноста кон крајот на август годинава, кога по пет години ја раскина соработката со хрватскиот тренер Стефан Вуков (37). „Му благодарам за неговата работата на теренот и му посакувам се најдобро во иднина. Ви благодарам на сите за поддршката“, објави тогаш Рибакина.


Иако Рибакина заедно со Вуков го освои Вимблдон нивната однос беше контроверзна. Тренерот по потекло од Ријека, познат по својот нетипичен тренерски стил, особено за време на натпреварите, кога честопати ѝ испраќаше многу остри коментари, кои светските медиуми ги окарактеризираа како „избезумено“ и „интензивно“ однесување.

Рибакина зборуваше позитивно за Вуков

На минатогодишниот УС Опен, тениските новинари и публиката го критикуваа Вуков дека премногу зборувал за време на натпреварот, дури и кога противничката на Рибакина требала да го изведе својот сервис. Некои дури го нарекоа Вуков најдосадната личност на УС Опен.


За време на овогодишниот Австралијан опен, тие беа снимени во текот на жестока расправија за време на натпреварот, но Рибакина секогаш зборуваше многу позитивно за тренерот и на некој начин го бранеше. „Тој е страстен тренер, со многу знаење за тенисот. За разлика од луѓето кои даваат такви коментари, тој има многу знаење за мене и како личност и како спортист“.

„Оние кои добро ме познаваат ќе знаат дека никогаш не би прифатила тренер кој не ме почитува мене и мојот труд. Можеби сум тивка на теренот, но во мене постои натпреварувачи дух која сака да постигнува големи работи и Стефано секогаш ми помагал на тој начин“, напиша тогаш Рибакина на социјалните мрежи.

Вуков отстранет од официјалната листа на ВТА тренери?


Новинарот на „ESPN“, Крег Шапиро, на почетокот од септември тврдеше дека „сигурни извори“ му кажале оти Вуков е отстранет од официјалната листа на тренери на ВТА. Според Шапиро тоа значи дека хрватскиот тренер бил суспендиран.