Милан загуби од Наполи со 2-0 во дерби средбата од 10. коло во италијанската Серија А, пораз кој значи дека сега имаат дури 11 бода помалку од вчерашниот ривал кој е на водечката позиција на табелата.
„Росонерите“ имаат проблеми со формата во актуелнава сезона, но и со фактот дека некои играчи кои треба да бидат лидери, клучни за тимот не се на посакувано ниво.
Имено веќе на втор меч во Калчото, Рафаел Леао беше резерва со тоа што за разлика од дуелот со Удинезе каде не доби ниту минута, против наполитанците одигра половина час. Секако ваквите одлуки на Фонсека носат реакции, коментари, но стратегот уште еднаш порача дека се работи за тактичка одлука, поточно дека нема никаков конфликт на реалција тренер-играч.
- Не сакам да навлегувам во ситни детали, различно се справувам со работите со секој играч.
- Нема конфликт меѓу нас, тоа е само одлука на тренерот. Се обидуваме да ги мотивираме играчите на различни начини, но играчите остануваат да вложат вистинска количина на посветеност, не морам да ги молам, - порача Португалецот.