Иран бара итен состанок на Советот за безбедност: Министерот објави фотографии од убиените војници

Точка

27/10/2024

17:27

3.295

Големина на фонт

а а а

Иран го задржува правото да одговори на „злосторничката агресија“ на Израел, му порача министерот за надворешни работи Абас Аракчи на генералниот секретар на Обединетите нации во писмо со кое бара итен состанок на Советот за безбедност, соопшти денес иранското министерство за надворешни работи.


Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи испрати писмо до шефот на ОН и шефот на Советот барајќи итен состанок на Советот за безбедност со цел да се заземе решителна позиција во осудата на израелската агресија, се вели во соопштението на Министерството.

Тој рече дека „повеќето од испуканите проектили биле пресретнати од иранскиот одбранбен систем“, но нападот предизвикал штета во одредени области, како и смртта на четворица војници чиишто фотографии ги објави на „Х“.

Аракчи кажа дека израелскиот напад е јасно кршење на суверенитетот на Иран, кој го задржува неотуѓивото право да одговори на оваа злосторничка агресија.

Израелската војска соопшти дека ги погодила иранските ракетни фабрики, ракетни фрлачи и други системи во неколку региони и го предупреди Техеран да не одговара на нападите.

Иран го минимизираше значењето на нападот, велејќи дека предизвикал ограничена штета на неколку радарски системи, сигнализирајќи, како што велат набљудувачите, неподготвеноста на Техеран за понатамошна ескалација.


Израелскиот амбасадор му одговори на иранскиот министер

Амбасадорот на Израел во ОН, Дени Данон му одговори на иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, кој го повика Советот за безбедност на ОН да се состане поради израелскиот воздушен напад врз Иран, кој тој го опиша како „сериозна закана за меѓународниот мир и безбедност“.


Данон изјави дека Иран „се обидува да дејствува против Израел на дипломатската арена со смешно тврдење дека Израел го прекршил меѓународното право“.

„Како што повторивме повеќе пати, имаме право и должност да се браниме и ќе ги искористиме сите средства кои нѝ се на располагање за да ги заштитиме граѓаните на Израел“, изјави Данон.


Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш апелираше до „сите страни да ги прекинат сите воени дејствија, вклучително и во Газа и Либан, да вложат максимални напори за да се спречи сеопфатна регионална војна и да се вратат на патот на дипломатијата“, соопшти вчера неговиот портпарол.



Спонзорирани линкови

Маркетинг