Зошто е важен самопрегледот на дојката! Трае само 10 минути, а може да ни го спаси животот: Oва се чекорите кои мора да ги правите еднаш месечно

Точка

16/10/2024

13:58

1.459

Големина на фонт

а а а

Октомври е месец за подигање на свеста за борба против ракот на дојка. Раното откривање, соодветната дијагноза и третман ја зголемуваат можноста за излекување на пациентите со карцином на дојка.

Самопрегледот на дојките е многу едноставна процедура која бара само 10 минути од вашето време, а исклучително е корисна, па затоа најдобро е редовно да се повторува со избирање на еден ден од седмиот до 10-от ден од почетокот на циклусот, кога дојката е најмека за преглед.

Жените кои се во менопауза можат да одберат еден датум во месецот и секој месец, на тој ден, да прават самопреглед.


Сигурно е дека една од осум жени веројатно ќе заболи од рак на дојка. Затоа, со редовно самопреглед на градите секој месец, можете навреме да откриете промена на градите. Промената на дојката не мора да биде малигна. Дали промената е малигна или не, не одлучувате вие, ниту вашиот избран лекар врз основа на субјективно мислење, туку жената дополнително се упатува на специјалист по радиологија за дијагноза. Ракот на дојката е речиси целосно излечив доколку се открие и третира во раните фази на болеста.

Кога треба да се прави самопрегледот?

Превенцијата е важно оружје во борбата против болестите на дојките. Жените треба да се самопрегледуваат секој месец, една недела по менструацијата, кога градите не се отечени, што е идеален термин за преглед на дојките. Тогаш најлесно може да се воочат промените на обликот и големината и евентуалните задебелувања – „топчиња“, односно грутки. Во текот на менструалниот циклус, ткивото на дојките се менува под влијание на промените во нивоата на хормоните. Со започнувањето на менструацијата, отеченоста на дојките се намалува, а се намалува и нивната чувствителност.

Како да направите самопреглед на дојките?

1. Застанете пред огледало, за да можете да ги гледате двете гради истовремено, рацете испружете ги покрај телото, а потоа подигнете ги. Проверете дали дојките се симетрични и дали има вдлабнувања или промени на кожата на брадавицата.


2. Нежно притиснете ги брадавиците и проверете дали излегува исцедок. Ако излегува крвав, проѕирно-жолт, синкав, црвен или проѕирен исцедок, итно обратете се кај лекар.

3. Легнете на грб, (во таа положба дојките се рамномерно достапни), под левото рамо ставете перница, а левата рака ставете ја под главата. Со врвовите од прстите на другата рака (никако помеѓу два прста) прегледувајте. Со испружени прсти на десната рака со кружни движења „опипајте“ ја внатрешноста на половината на левата дојка со движења одозгора надолу и однадвор кон средината. Истражувајте дали постои тврдо или испакнато кое минатиот месец го немало и се разликува од другите делови на дојките.

4. Левата рака испружете ја покрај колкот, а со десната прегледајте ја надворешната половина на дојката со движења одозгора нагоре и од надворешната страна кон средината. На ист начин прегледајте ја и десната дојка.

Како да ги прегледате брадавиците?

Посебно внимание треба да им обрнете на брадавиците. Прво погледнете дали има промена на нивната боја, текстура или на правецот во кој се насочени. Потоа, со помош на показалецот и палецот притиснете ја областа околу брадавицата за да проверите дали има некаков исцедок.

Како да ги прегледате пазувите?


Следно што треба да направите е преглед на областа на пазувите со допир. Потпрете ја левата рака на колкот. Со помош на јаготките на показалецот, средниот и домалиот прст на десната рака започнете да правите мали кружни движења по левата пазува така што ќе правите и мал притисок. Ако пронајдете промени како задебелување на одредени области или грутка, консултирајте се со лекар.

Знаци што не треба да ги игнорирате:

• промена на големината или обликот на градите;

• нерамнини (вдлабнатини или испакнати делови) по кожата;

• болни или безболни грутки или задебелување;

• чешање, оток или црвенило во областа околу брадавиците;

• исцедок од брадавиците (особено загрижувачки е ако се работи за гној или

крв);


• вовлекување на брадавиците.

Ако забележите некој од наведените знаци, посетете лекар, но не паничете, затоа што нивната појава не мора да биде симптом на рак на дојка. На пример, грутките често се цисти кои не претставуваат закана по здравјето. Но, добро е за секоја забележана промена да направите консултација со лекар. Најважни се редовните прегледи кај лекар.




Спонзорирани линкови

Маркетинг