Ева Нединковска: Се 'палам' на Мајкл Џексон!

Точка

06/09/2011

03:15

13.779

Големина на фонт

а а а

Пејачка, танчерка, професорка по англиски. Ова се професиите со кои одлично се справува Ева Нединковска. Успешна и своја, оваа охриѓанка не знае за одмор. Танцот е нејзина голем љубов па наутро знае да се размрда со музиката на Мајкл Џексон.

За новиот едукативен центар, за музиката и приватниот живот читате во ова интервју на Ева, само за ТОЧКА.

Ева, од пејачка стана професорка по англиски јазик. Значи ли ова дека се откажа од музиката?

Апсолутно не. Јас сум повокација професорка по англиски, тоа дипломирав во 2007 година и оттогаш активно работам како професорка по англиски јазик, преведувачка и толкувачка. Од музиката не се откажувам, моментално ставам акцент на мојата професија затоа што отворив центар каков што отсекогаш сум посакувала.

После Гаро, во јавноста не си излегла со друг дечко. Сеуште си сингл?

После Гаро имав уште неколку дечковци, но сметам дека не треба да ги експонирам моите врски во јавност. Кога бев со Гаро, луѓето некако веднаш ги дознаваа муабетите за нас затоа што и двајцата бевме јавни личности. Јас не ги кријам моите дечковци но и не ги промовирам во јавноста. Оној кој што ќе биде во подолга врска со мене и оној кој што ќе заслужи да биде промовиран, ќе го добие тоа. Ете, Вие ќе бидете меѓу првите кои што ќе дознаат за тоа.



Апстинираш од јавни настапи и фестивали. Најавуваш ли нешто ново на музички план кај тебе?

Така е, апстинирам од фестивали, но не и од јавни настапи. Мојата музичка кариера не е насочена кон фестивали, туку повеќе сакам да вадам синглови со видеозаписи и настапи по дискотеки и клубови.

Што е со танцувањето кое е твоја голема љубов?

Да, сакам да танцувам, но не толку често како порано. Кога треба да настапам, тогаш се собираме сите и вежбаме за што подобар настап и кореографија. Многу сакам да танцувам на ар-ен-би музика, но сабајлечки знам да полудам на Мајкл Џексон, да се размрдам со неговите хитови кои се одлични за играње.

Еве сме во твојот едукативен центар ‘ЕВА’, па како се одлучи на ваков голем чекор?

Ова е последователно на она што јас претходно го правев, минатата година раководев со оделот за англиски јазик на Црвен Крст. Сакав да спојам неколку работи, и ова е центар каде што се одржуваат курсеви по сите јазици, курсеви за новинари, водители, фотографија и музички курсеви. Можат да го посетат и веб порталот tc-eva.com и да се информираат повеќе за нашата работа.

Ти со охриѓанка која што живее и работи во Скопје. Ти недостига родното место?

Се чувствувам пријатно во Скопје затоа што живеам веќе 10 години тука. Секој слободен момент или викенд го користам да отидам до Охрид. Да ги наполнам батериите и да фатам малку сонце.



Ева, некогаш имаше имиџ на девојче и изгледаше така, а денес си вистинска дама. Како ги поднесуваш сите тие трансформации на твоето лице и тело?

Јас трпам трансформации и додека некои мои пријатели се плашат од трансформации јас уживам во нив. Сакам да изгледам поразлично, сакам да си играм со модата, понекогаш сакам да изгледам поозбилно, понекогаш сакам да изгледам по кежуал. На часови знам да дојдам облечена баш како деловна жена, некогаш изгледам многу обично, значи зависи од тоа како се чувствувам и како сакам да изгледам. Мислам дека се рушат стереотипите дека една професорка мора да изгледа строго и така да биде облечена, дека една пејачка треба да биде разуздана, откачена и слободна. Тоа веќе не е така.

Како те доживуваат учениците кога доаѓаат на часови кај тебе, а веќе претходно те знаат од медиумите како пејачка?

Да, интересно е. Понекогаш помалите доаѓаат со научени мои песни, па знаат да ми запеат и играат, но повеќе работам со возрасни луѓе, и тие ме прифаќаат сосема нормално, можеби на почетокот и нив им е необично, но јас се поставувам многу нормално и народски, така што знаеме да завршиме и со по некоја пијачка и кафе надвор.

И за крај, што го советува Ева сите читатели на ТОЧКА?

Ги советувам да продолжат да читаат ТОЧКА, затоа што е многу интересен и уникатен веб портал. Да дојдат до тренинг центарот ЕВА, да си одберат што би сакале да учат, затоа што ова е школо за уметници и креативци.

Автор: Марија Главчева