Интервју со Јован Тошевски, Менаџер за маркетинг, брендинг и набавки за ЕМОФ 2025.
Европскиот Младински Олимписки Фестивал е еден од најголемите спортски настани што ќе бидат организирани вo Македонија. Какво е значењето на фестивалот, како за спортот, така и за пошироката јавност?
ЕМОФ Скопје 2025 претставува историски момент за спортот кај нас и за меѓународната репутација на државата. Ова е првпат нашата држава да биде домаќин на мултиспортски настан од ваков ранг, со учество на повеќе од 4.000 спортисти, тренери и делегации од 50 европски земји. Фестивалот, кој ќе се одржи од 20 до 26 јули во Скопје и Куманово, е многу повеќе од само спортска манифестација - тој е симбол на европско заедништво, на олимписките вредности како фер-плеј, почит и пријателство, и секако, на вложување во иднината.
Од аспект на јавноста, фестивалот нуди шанса граѓаните да бидат дел од нешто големо, нешто инспиративно. Младите ќе се мотивираат да се занимаваат со спорт, да сонуваат за учество на олимписки игри, а истовремено ќе се зајакнат и локалните спортски капацитети и инфраструктурата. Овој фестивал ќе стави позитивен фокус врз Македонија на европската мапа, не само како спортски, туку и како културен и туристички домаќин.
Од перспектива на брендовите, зошто ЕМОФ е важен настан и што добиваат компаниите кои ќе се приклучат како партнери или спонзори?
ЕМОФ 2025 нуди уникатна можност за брендовите кои сакаат да се поврзат со позитивни, автентични вредности и со широка публика. Секој спонзор или партнер не добива само логотип на банер – туку станува дел од една поширока приказна која обединува млади, спорт, енергија, емоции и европска солидарност.
Со присуство на над 4.000 спортисти, нивните тимови, тренери и семејства, како и десетици илјади посетители на натпреварите и фан-зоните, секој бренд ќе има директна и индиректна изложеност до различни целни групи. Дополнително, преку нашата комуникациска стратегија – која вклучува традиционални медиуми, дигитални платформи, инфлуенсери и телевизиски преноси – брендовите имаат можност за сеопфатна медиумска промоција, засилена со емоционално значење и контекст кој тешко се реплицира во стандардни кампањи.
Веќе имате потпишано договори со одредени компании. Кои се досегашните спонзори и каква е нивната улога во ЕМОФ?
Горди сме што досега како спонзори ни се приклучија неколку значајни и силни брендови - Горска, Комерцијална Банка АД Скопје, Јома, Слога, Авант кар, Еразмус +, Црвен Крст, Волонтерски центар Скопје, Медиа Центар.
Секој од овие партнери има клучна улога. На пример, Горска како бренд на природна минерална вода ќе биде присутна на сите спортски терени и фан-зони, обезбедувајќи хидратација за спортистите, волонтерите и публиката. Комерцијална Банка, со своето долгорочно залагање за поддршка на спортот и младите, ни обезбедува не само финансиска поддршка, туку и стратегиска соработка.
Јома е технички спонзор задолжен за опремата на дел од делегациите и официјалниот тим, додека Слога и Авант Кар придонесуваат со логистика, превоз и техничка поддршка на организацијата. Со Еразмус +, Црвениот Крст и Волонтерскиот Центар Скопје работиме на имплементација на силна волонтерска програма, која ќе биде срцето на настанот, со над 800 волонтери.
ТАВ Македонија е важен стратешки партнер кога станува збор за пристигнување на делегациите и гости од странство, додека Медиа Центар игра суштинска улога во медиумската поддршка и продукција.
Сите овие соработки ни покажуваат дека ЕМОФ не е само спортски, туку и општествен проект, кој обединува различни сектори околу заедничка визија за успех.
Какви се вашите очекувања во поглед на посетеноста и медиумската покриеност на настанот? Колку голема видливост ќе имаат партнерите?
Очекуваме голема посетеност, како од домашната публика, така и од странски гости – семејства, спортски делегации, туристи и медиуми. Нашите проекции се дека ќе имаме десетици илјади физички посетители, особено на отворањето, затворањето и финалните натпревари.
Медиумската покриеност е исто така во фокус – ќе имаме посебен медиумски центар, договори со национални и регионални ТВ станици за преноси, вклучување на онлајн и печатени медиуми, а голем дел од покриеноста ќе се остварува и преку социјалните мрежи. Со ова, партнерите ќе добијат континуирана видливост – не само на местата на настанот, туку и во онлајн просторот каде младите се активни. Секоја комуникациска точка – од прес-конференции до фан активности – ќе биде дизајнирана така што ќе го вклучува спонзорскиот брендинг.
Како компании од различни индустрии можат да се вклучат и какви типови на партнерства нудите?
Отворени сме за партнерства со компании од сите сектори – храна и пијалаци, финансии, осигурување, технологија, текстил, енергија, мобилни оператори, автомобилска индустрија и многу други. ЕМОФ е настан со огромен опсег, што овозможува креирање на прилагодени пакети според интересите и ресурсите на компаниите.
Нудиме повеќе типови на спонзорства – златни, сребрени и бронзени, но и тематски партнерства, како спонзор на одреден спорт, фан-зона, волонтерска програма или церемониите на свеченото отворање и затворање. Секој партнер добива персонализиран пристап, креиран врз основа на сопствената целна публика и бизнис цели.
Ги покануваме сите компании да не гледаат на ова како на обична спонзорска зделка, туку како на долгорочна инвестиција во имиџот, спортот, младите и во европската иднина на Македонија. Заедно можеме да изградиме настан кој ќе остави траен белег – спортски, општествен и економски.