Британскиот психијатар предупреди на „епидемија на препивање во средните години“ којашто остава неизбришливи последици врз здравјето. „Sober October“ или „Трезен октомври“ претставува предизвик којшто ги поттикнува луѓето да се откажат од алкохолот и другите пороци во текот на месецот октомври, што може да го подобри нивнот сон и менталното здравје, како и придонесе кон намалување на телесната тежина, намалување на крвниот притисок и да помогне во заштедата на пари.
Британскиот психијатар предупреди на „епидемија од препивање во средните години“ којашто влијае врз целокупната здравствена состојба и може да биде еден од факторите за развој на тешки болести, што претставува уште една причина за месечна апстиненција од алкохолот, пишува „New York Post“.
„Се среќавам со многу мажи и жени на својата клиника. Кога ќе ги прашам околу консумацијата на алкохолот, најчесто велат дека не можат да разберат дали имаат проблем бидејќи работите уште не стасале до фазата во која физички ќе зависат од алкохолот“, напиша лекарот Макс Пембертон.
Пембертон препорачува луѓето да го спроведат тестот наречен „CAGE“, којшто претставува алатка која може да го идентификува проблемот со злоупотреба на супстанции.
Тестот „CAGE“ во 1968 година, го развил лекарот, терапевт за болестите на зависност и професор по психијатрија Џон Евинг, од универзитетот Северна Каролина во Чапел Хил. „CAGE“ претставува кратенка од „Cut down“ (намалување), „Аnnoyed“ (иритиран), „Guilty“ (виновен) и „Eye – opener“ (пијалак за будење).
Тестот се состои од четири прашања:
„C“ – Дали почувствувате потреба да го намалите пиењето?
„A“ – Дали ве нервираат луѓето коишто ве критикуваат поради пиењето?
„G“ – Дали некогаш сте се почувствувале лошо или виновно поради пиењето?
„Е“ – Дали некогаш испивте пијалак веднаш наутро, за да ги смирите нервите или за да се справите со мамурлакот?
Доколку одговорите со „да“ на две или повеќе прашања, тоа значи дека постои проблем којшто не може едноставно да се објасни или поправи, напиша Пембертон.
„Трезен октомври“ е сè попопуларен низ светот, особено помеѓу милениумците. Пембертон вели дека учествувањето во вакви предизвици може да го разоткрие проблемот којшто треба да се третира.