Луѓето и судиите со неверување ги гледаа нејзините настапи: Најлошата олимпијка во историјата е прогласена за најдобра брејкденсерка на светот

Точка

12/09/2024

18:33

21.305

Големина на фонт

а а а

Австралијката Рејчел Ган, која не освои ниту еден поен на натпреварувањето во брејкденс на Олимпијадата во Париз и ја шокираше јавноста со исклучително лошиот настап, сега одеднаш стигна до самиот врв на светската ранг-листа.

37-годишната Рејчел која настапува под уметничкото име „Raygun“, во групната фаза беше поразена од литванската, американската и француската натпреварувачка и беше единствената од 16-те натпреварувачки која не освои ниту еден бод на натпреварот, со што стана една од најлошите спортистки во историјата на Олимписките игри.

Судиите со неверување ги следеа трите настапи на „Raygun“ во кои таа скокаше како кенгур и се тркалаше на подот надвор од ритам, а на социјалните мрежи доби многу критики.

Сепак, точно еден месец по завршувањето на натпреварувањето во Париз, љубителите на брејкденсот доживеаја нов шок кога го погледнаа најновото рангирање кое го состави Светската танцова спортска федерација (WDSF).

Имено, и покрај тоа што го покажа на Олимписките игри во Париз, „Raygun“ официјално е најдобрата брејкденсерка во светот.


Од „WDSF“ објаснија зошто таа е најдобра.

„Ги земаме предвид најдобрите четири настапи на секој натпреварувач во машка и женска конкуренција во периодот од последните 12 месеци, а не ги земаме предвид настапите во квалификациите за Олимписките игри или самите игри.

Пресудно за „Raygun“ да биде на врвот на листата е тоа што таа освои 1.000 поени на првенството во Океанија во октомври 2023 година“, објаснуваат од „WDSF“.

Бидејќи резултатите на Олимписките игри не се бројат, најдобрите од Париз, односно Јапонката, Литванката и Кинезинката не се ни меѓу првите 20 брејкденсери во светот на најновата ранг-листа.