Американскиот музичар, продуцент и член на „Black Eyed Peas“, Вилијам Џејмс Адамс Џеј Ар, познат под името „will.i.am“ се соочува со проблеми со слухот.
Музичарот во текот на оваа година забележал дека слухот му се влошил, а сега стравува од трајно оштетување на неговиот слух.
„Не можам да молчам бидејќи тогаш чувствувам зуење во ушите. Постојано и секојдневно слушам некаков звучен сигнал во текот на целиот ден. Не знам кога точно започна ова, но со тек на време стана полошо“, изјави музичарот за „The Sun“.
Тој бил на лекарски преглед, при што лекарите откриле дека има слух како оној на старите лица.
„Кога бев на лекар и ги добив резултатите, ми кажаа дека мојот слух е како на некој многу постар“, вели „will.i.am“.
Болеста од којашто боледува „will.i.am“ се нарекува „tinitus“, а се однесува на звуци во ушите или главата без присуство на соодветен надворешен стимуланс. Звукот може да се опише како зуење или шумови. Иако слухот при оваа болест може да се подобри сам од себе, заболените честопати забележуваат постепено губење на слухот или зголемена чувствителност на одредени звуци.
Енди Шаркс, експертот за слух, објаснува: „Една од најчестите причини за „tinitus“ е прекумерната изложеност на бучава. Тоа може да биде бучава на работното место, на пример во фабриките или на градилиштата, континуираната изложеност на силни звучници или гласни еднократни звуци како што се експлозиите или пукањата“.