Противникот на Мадуро на претседателските избори ја напушти Венецуела

Нетпрес

08/09/2024

12:26

1.477

Големина на фонт

а а а

Поранешниот кандидат на венецуелската претседателска опозиција Едмундо Гонзалес ја напушти земјата и полета за Шпанија, потврдија во ноќта кон неделата потпретседателот на Венецуела и шпански министер.

Гонзалес, кој се кандидираше на претседателските избори во јули против претседателот Николас Мадуро, замина откако пред неколку дена „доброволно побара азил во шпанската амбасада во Каракас“, објави потпретседателката Делси Родригез на Instagram.

Шпанскиот министер за надворешни работи потврди дека Гонзалес заминал во Шпанија. „Едмундо Гонзалес полета од Каракас за Шпанија со авион на шпанските воздухопловни сили“, објави министерот Хозе Мануел Албарес на платформата X.

Заминувањето на Гонзалес од Венецуела е најновиот епилог на развојот на ситуацијата од крајот на јули и оспоруваните претседателски избори, кои беа критикувани од САД и нивните сојузници во светот, барајќи од венецуелската влада да објави детални изборни резултати, што не беше сторено целосно, како што тоа не се прави ниту во Вашингтон, но државната изборна комисија објави дека Мадуро го добил третиот претседателски мандат.

Опозицијата тврдеше, исто така, со податоци чијашто веродостојност е контроверзна дека изборите наводно резултирале со „убедлива победа на Гонзалес“, објавувајќи ги вкупните гласови за кои велат дека тоа го докажуваат. Сепак, слабиот интензитет и краткотрајноста на постизборните протести, во споредба со претходните слични во Венецуела, со околу 30 жртви, укажуваат на недоволната потенција на опозицијата да издејствува промена на власта.

Оваа седмица, канцеларијата на јавниот обвинител на Венецуела соопшти дека издала налог за апсење на Гонзалес поради објавувањето на фалсикифувани резултати со кои повикува на бунт, обвинувајќи го за узурпација на функцијата, фалсификување јавни документи и заговор, меѓу другите обвиненија.

Во меѓувреме, Венецуела во саботата го отповика овластувањето на Бразил да ги застапува интересите на Аргентина во земјата, вклучително и управувањето со амбасадата, во која од март се сместени шестмина опозиционери, исто така, претходно обвинети за заговор.

Венецуела ги прекина односите со Аргентина по претседателските избори. Бразил, како и Колумбија и Мексико, побараа од владата на Венецуела да ги објави деталните изборни резултати. Во соопштението на Владата на Венецуела се вели дека одлуката стапила во сила веднаш, наведувајќи дека аргентинската амбасада била искористена за планирање на обидот за атентат врз Мадуро и Родригез.

Бразилски дипломатски извор во саботата попладне изјави дека Венецуела му дала гаранции на Бразил дека нема да изврши упад во амбасадата.

„Секој обид за инвазија или киднапирање на баратели на азил кои се во нашата официјална резиденција ќе биде остро осуден од меѓународната заедница. Дејствата како овие го зајакнуваат верувањето дека основните човекови права не се почитуваат во Венецуела на Мадуро“, рече Аргентина.



Спонзорирани линкови

Маркетинг