Американскиот претседател Доналд Трамп го отфрли иранскиот предлог за отворање на Ормускиот теснец поради тоа што го оцени како неприфатлив. Предлогот од Иран вклучувал повторно отворање на теснецот и продолжување на преговорите во замена за укинување на американската блокада и економските мерки.
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го отфрли најновиот предлог на Иран за повторно отворање на Ормускиот теснец, оценувајќи дека предлогот е „неприфатлив“.
„Го отфрлам нивниот предлог. Тие сакаат да постигнат договор со кој веднаш ќе го отворат теснецот затоа што губат многу. Ние убедливо добиваме. Имаме целосна контрола врз Ормускиот теснец“, изјави Трамп пред новинарите, коментирајќи го иранскиот план.
Иранскиот предлог предвидува брзо повторно отворање на теснецот и продолжување на преговорите за иранската нуклеарна програма, во замена за укинување на американската поморска блокада и другите економски мерки против Техеран.
Трамп додаде дека и самиот поддржува постигнување договор, но дека понудениот договор не би бил прифатлив.
Иран го доставил предлогот до САД преку посредници на почетокот на неделава. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи изјави дека според планот, САД треба во рок од седум дена да исполнат одредени услови за да се обноват преговорите за нуклеарната програма и повторно да се отвори Ормускиот теснец.
Според предлогот, Техеран би овозможил брзо обновување на поморскиот сообраќај низ стратешкиот премин, додека Вашингтон би ја укинал поморската блокада и другите економски притисоци.
Одбивањето на предлогот од страна на Трамп доаѓа во момент на зголемени нарушувања во сообраќајот низ Ормускиот теснец, еден од клучните светски поморски правци за транспорт на енергенси.








