Александар Вучиќ ја најави својата оставка од претседателската функција и се збогуваше со членовите на својот кабинет, додека Ана Брнабиќ ќе ја преземе функцијата вршител на должност претседател на Србија.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објави дека го завршува својот втор претседателски мандат и по тој повод приредил коктел за вработените во неговиот кабинет.
„Ви благодарам што истрајавте и во моментите кога се случуваа работи кои не ви се допаѓаа. Несомнено сум грешел, како што тоа го прави секој нормален човек секој ден. И бескрајно ви благодарам за сè. Десет години живот не се мал период“, им порачал Вучиќ на вработените, објавувајќи снимки од средбата на својот профил на Инстаграм.
Вучиќ со членовите на својот кабинет се збогувал со танц, оро и песните „А сад адио“ и „Четири години“.
Тој претходно најави дека во недела навечер ќе поднесе оставка од функцијата претседател на Србија и дека на граѓаните ќе им ја образложи својата одлука. Вучиќ во четвртокот во Њујорк изјави дека оставката ќе ја поднесе околу 20 часот.
Со поднесувањето на оставката, мандатот на Вучиќ престанува. Според Уставот и Законот за претседател на Србија, претседателот на Собранието го заменува шефот на државата до изборот на нов претседател, но најмногу три месеци. Изборите за претседател мора да се одржат најдоцна во рок од три месеци од престанокот на мандатот.
Во случајов, функцијата вршител на должноста претседател ќе ја преземе претседателката на распуштеното собрание, Ана Брнабиќ.
















