Емоционалната интелигенција е способноста за препознавање, разбирање и управување со сопствените емоции, како и препознавање и разбирање на влијанието на тие емоции врз други луѓе. Се работи за емпатијата, самосвесноста и почитта.
Психотерапевтот, Ерин Леонард вели дека емоционалната интелигенција е дарба.
„Тоа е дарба. Способноста за емпатија, емоционално усогласување со другите и земање предвид на туѓите перспективи, се квалитети коишто ве зближуваат со вашите сакани и ви овозможуваат да ги решите конфликтите со другите емоционално интелигентни личности. Одредени навики укажуваат на тоа дека сте емоционално интелигентна личност“, изјави Ерин за „Psychology Today“.
Психотерапевтот потенцираше три навики коишто укажуваат на тоа дека личноста е емоционално интелигентна, а тие се:
„Кога емоционално интелигентните личности ќе се соочат со некоја ситуација, тие на момент ќе запрат и интроспективно ќе размислат. Ќе ја анализираат туѓата перспектива, дури и кога потполно не се согласуваат со неа. Исто така тие ја бараат сопствената одговорност во таа ситуација. По неколку моменти, тие можеби ќе се согласат или можеби нема да се согласат со другата личност, но токму тие моменти на самоанализа ги прават емоционално интелигенти“, објаснува психотерапевтот.
Леонард вели дека емоционално интелигентните луѓе вообичаено се обидуваат да ги одбегнат конфликтите, но кога ќе се појават проблеми во нивните односи со други луѓе, тие директно ѝ пристапуваат на другата личност. „Целта им е да го разберат и решат проблемот, за нивниот однос да остане здрав и стабилен“, додава психотерапевтот.
„Емоционално интелигентните личности потполно ја преземаат одговорноста за своите себични постапки, чувствуваат грижа на совест и настојуваат да ја поправат штетата којашто ја предизвикале. Бидејќи го разбрале проблемот, тие ретко ја повторуваат истата грешка, а дури и да го направат тоа, тие ја признаваат својата грешка и се запираат себеси пред работите навистина да тргнат во спротивна насока“, објаснува Леонард.
Психотерапевтот даде и пример за ова: „На пример, Тејлор и нејзиниот партнер, којшто живее во различна временска зона, планираат да разговараат во сабота во 14 часот, меѓутоа Тејлор исто така има потреба да оди на фризер, а единствениот слободен термин е токму во 14 часот. Поради тоа таа одлучува да разговара со партнерот додека е во фризерскиот салон. Таа се обидува да го слушне и сфаќа дека тој е вознемирен поради неговите проблеми на работа. Загрижена е и сака да помогне, но бучавата во фризерскиот салон го отежнува нејзиното слушање на партнерот. Таа се труди да го слушне, но нејзиниот партнер звучи фрустрирано и повредено и го прекинува разговорот. Тејлор се чувствува лошо. Таа се извинува и се кае поради нејзината себична одлука. Во иднина се обврзува да го почитува договореното време со партнерот, а исто така ветува дека ќе биде потполно присутна на разговорите, а во случај на нужда ќе побара да го одложат разговорот“.
Според психотерапевтката овие три тенденции ги откриваат емоционално интелигентните личности.
„Разбирањето на разликите и разликувањето на здравите навики од нарцисоидните тенденции во односите можат да бидат клучни за препознавање на проблематичните луѓе во вашиот живот. Потоа научете како да се однесувате со нив, на начин којшто ќе го штити вашето ментално здравје“, додава Леонард.