[ФОТО] Дуа Липа носи уметност од Македонија: Сатја Грабулоски ѝ подари уникатна јакна

Точка

03/11/2025

13:13

2.286

Големина на фонт

а а а

Светската музичка ѕвезда, Дуа Липа, доби уникатна рачно насликана јакна од македонскиот уметник Сатја Грабулоски, создадена во неговото студио „SWithaDot“ во Скопје.

Јакната ѝ била врачена на „Sunny Hill Festival“ во Приштина, каде што таа настапила, а ѝ ја предал нејзиниот татко Дуги Липа, долгогодишен пријател и соработник на Грабулоски.

Сатја е основач и извршен директор на „SWithaDot Studios“ – првото македонско студио специјализирано за премиум wearable art, кое обединува уметност, мода и иновација.


Тој е познат по трансформирање на обични предмети, како патики и јакни, во рачно насликани уметнички парчиња кои ги носат светски познати личности.

Својата приказна ја започнал уште како тинејџер, кога од љубов кон цртањето и експериментирањето почнал сам да создава уникатни дизајни. Денес, неговите дела се наоѓаат кај познати музичари, актери и спортисти ширум светот, но и покрај меѓународниот успех, Сатја продолжува да твори од Скопје.


За инспирацијата зад јакната на Дуа Липа, Сатја вели:

„Дизајнот е инспириран од омотот на нејзиниот албум Radical Optimism – со мотив на зајдисонце во боите на нејзиниот фестивал Sunny Hill во Приштина. Јакната е 100% веганска. Процесот, од идеја до реализација, го водеше Лира Грабул, а на некој начин ова беше момент на почит и соработка помеѓу семејствата Грабул и Липа, бидејќи Дуги беше вклучен во процесот, а на крај токму тој ѝ ја предаде пред настапот“.


Ова не е прва соработка помеѓу Грабулоски и Дуа Липа.

Уште на почетокот на нејзината кариера, Сатја ѝ наслика патики за нејзиниот прв спот, а неколку години подоцна пејачката повторно доби уникатен пар со негов потпис.

Со овој најнов проект, Сатја Грабулоски уште еднаш ја потврдува својата позиција како уметник што од Македонија создава дела со светски печат.


Автор: Ц.Н.