Прогласена најдобрата дестинација за семеен одмор

Точка

03/11/2025

16:11

1.622

Големина на фонт

а а а

Кога се планира семеен одмор, многумина најпрво помислуваат на Шпанија – но оваа година титулата најдобра семејна дестинација ја однесе друга земја. Грција е прогласена за најдобра дестинација за семејни патувања на престижната церемонија „Travel Bulletin Star Awards 2025“, пишува "Daily Mail". Грција е опишана како „сончев рај под отворено небо“.

Од песочните плажи и историските знаменитости, до фантастичната гастрономска култура, Грција се издвојува како врвен избор за семејства кои бараат совршен одмор. Популарноста на грчките острови не стивнува – минатата година земјата ја посетиле повеќе од 30 милиони туристи.


Силна конкуренција во финалето

Победата на Грција е уште позначајна ако се земе предвид силната конкуренција. Во финалето за најдобра семејна дестинација се најдоа и Кипар, Португалија, Шпанија и Турција.

Од порталот "Travel and Tour World" објаснија зошто токму Грција ја заслужила оваа титула:

„Како што туристичката индустрија постојано се развива, семејните одмори стануваат приоритет и за патниците и за дестинациите. Способноста на Грција да се адаптира и да иновира – нудејќи безбедни, богати и пристапни искуства за семејства – е клучната причина поради која и понатаму останува на врвот на ваквите престижни листи.“

Ова не е единственото признание за Грција оваа година. Земјата неодамна беше прогласена и за „дестинација на годината за кратки летови“ на доделувањето на „Food and Travel Reader Awards 2025“. Без разлика дали станува збор за посета на историскиот град Атина или за одмор во "all-inclusive" ресорти на островите Родос и Крит, Грција нуди по нешто за секој член на семејството.


Интересни факти за Грција

6.000 острови

Грција има повеќе од 6.000 острови и островчиња, но само околу 200 од нив се населени. Секој има свој карактер – некои се познати по забави и ноќен живот, други по мирни залези и традиционални села. Без разлика каде ќе се најдете, морето никогаш не е далеку – ниту еден дел од земјата не е оддалечен повеќе од 137 километри од брегот.


Колевка на демократијата и олимписките игри

Во Атина се развил првиот познат облик на демократија, каде што граѓаните можеле директно да учествуваат во донесувањето одлуки. Грците се и основачи на Олимписките игри, кои се одржувале уште во античко време. Нивното писмо станало темел на многу европски азбуки.


Сонце, планини и море – сè на дофат на рака

Грција има повеќе од 250 сончеви денови годишно, вистински рај за љубителите на природата. Иако повеќето ја поврзуваат со морето, речиси 80% од територијата ја сочинуваат планини. Тоа значи дека во иста земја може да сурфате, планинарите и истражувате древни урнатини – сè во истата недела.


Традиции што го спојуваат старото и новото

Во Грција не се слават само родендени – имендени (денови посветени на светците по кои луѓето ги добиле имињата) често се поважни од самите родендени. Маслиновото масло не е само храна, туку симбол на култура и идентитет. Грците го произведуваат со векови и со гордост го користат во секојдневието.


Што да се јаде во Грција?

Грчката кујна се темели на маслиново масло, свеж зеленчук, риба, житарици и сирења како фета. Таа е дел од медитеранската исхрана, позната по своите здрави и едноставни јадења. Употребата на свежи состојки, маслинки и зачини како оригано и копар ѝ даваат препознатлива арома и вкус.

Храната во Грција има силна општествена и културна улога – оброците се делат со семејството и пријателите, најчесто преку традиционалните „мезе“ чинии. Типични јадења се мусака, сувлаки, цаѕики, долмаде и баклава, а секој регион има свои специјалитети.

Грчката исхрана ја спојува традицијата, едноставноста и свежината, што ја прави една од најздравите во светот – и уште една причина зошто Грција заслужено ја носи титулата најдобра дестинација за семеен одмор.