Според најновата анализа којашто беше нарачана од СЗО (Светска здравствена организација), не постои поврзаност помеѓу користењето на мобилните телефони и зголемениот ризик од рак на мозокот. Покрај зголемениот пораст во користењето на „wireless“ технологијата, не постои заемна врска помеѓу новата технологија и зголемениот број на случаи на рак на мозокот, покажува истражувањето објавено денес.
Ова важи дури и за луѓето коишто долго зборуваат на телефон или оние коишто го користеле мобилниот телефон повеќе од 10 години. Конечната анализа опфати 63 истражувања од 1994 до 2022 година, коишто ги анализираа 11 научници од 10 различни земји, вклучувајќи ја Австралиската агенција за заштита од зрачење.
„Анализирани беа ефектите на радиофреквенцијата којашто се користи кај мобилните, телевизорите и мониторите за новороденчиња како и радарите“ вели Марк Елвуд, професор по епидемиологија на канцерот од универзитетот во Окланд и еден од авторите на анализата. „Ниту едно од проучуваните важни прашања не покажа зголемени ризици“, изјави Елвуд.
Научниците го следеле ракот на мозокот кај возрасните и децата, ракот на хипофизата, ракот на плунковата жлезда и леукемијата и ризиците поврзани со користењето на мобилните телефони и трансмитерите како и изложеноста на технологијата на работното место, а извештајот за другите видови рак ќе бидат покасно објавени.
Оваа најнова анализа се надоврзува на претходните слични истражувања. СЗО и другите меѓународни здравствени органи веќе кажаа дека не постои дефинитивен доказ за штетни последици од мобилниот телефон врз здравјето, но побараа понатамошни истражувања.
Моменталната класификација е „можно канцерогено“ или класа (2B), според Меѓународната агенција за истражување на канцерот (IARC), а оваа класа (2B) се користи кога не може да се исклучи можната поврзаност со предизвикување на канцер. Меѓутоа Советодавното тело при Меѓународната агенција за истражување на канцерот побара преиспитување на оваа класа што е можно побрзо поради новите податоци од последната анализа.