Ова се најбезбедните земји за патување во 2026 година: Нудат целосна сигурност и мир

Точка

18/05/2026

22:00

534

Големина на фонт

а а а

Ако безбедноста ви е еден од клучните фактори при изборот на дестинација за одмор, најновото истражување на компанијата „Berkshire Hathaway Travel Protection“ носи преглед на најбезбедните земји за патување.

Станува збор за годишна листа која веќе десет години ги рангира државите според степенот на безбедност за туристите, земајќи ги предвид криминалот, стабилноста и инфраструктурата.

На врвот на листата се наоѓаат држави кои генерално се сметаат за мирни и безбедни, но секоја од нив има и специфики на кои патниците треба да обрнат внимание.

Холандија

Холандија годинава е прогласена за најбезбедна дестинација. Особено се истакнува безбедноста за жени, LGBTQIA+ лица и туристи од различно потекло. Сепак, во градови како Амстердам најголем предизвик за посетителите се велосипедските патеки и густиот велосипедски сообраќај.

Австралија

Австралија е високо рангирана поради ниската стапка на криминал и стабилниот систем, но патниците мора да ги почитуваат строгите правила за влез во земјата, особено кога станува збор за храна и производи. Исто така, треба да се има предвид и специфичниот див свет и животните кои можат да бидат опасни.


Австрија

Австрија оваа година првпат се најде меѓу водечките безбедни дестинации благодарение на стабилната политичка ситуација. Сепак, повремените протести во Виена можат да претставуваат ризик при поголеми собири.

Исланд

Исланд со години важи за една од најбезбедните земји, но годинава падна на листата поради засилената вулканска активност која повремено влијае на авионскиот сообраќај.


Канада

Канада спаѓа меѓу најстабилните земји во светот, со многу ниска стапка на криминал и квалитетни јавни системи. Сепак, во поголемите градови се препорачува претпазливост поради ситни кражби и безбедноста на возилата.

Нов Зеланд

Нов Зеланд е познат по природата и мирот, но на туристите им се советува претпазливост на планинските и авантуристичките локации кои можат да бидат ризични без водич.

Швајцарија

Швајцарија важи за една од најуредените и најбезбедни држави, каде што најголема опасност претставуваат природните појави како лавини и нагли временски промени на Алпите.


Јапонија

Јапонија е меѓу земјите со најниска стапка на криминал, но патниците мора да обрнат внимание на строгите правила во врска со внесување лекови и други производи.

Ирска

Ирска е високо рангирана поради безбедноста и стабилноста, но туристите кои не се навикнати на возење по левата страна од патот треба да бидат особено внимателни во сообраќајот.