Една жена во Арканзас предизвикала вистинска полициска потера додека, како што рекла, „брзала за да не остане без гориво“ во својот „VW Tiguan“.
Потерата се случила на 7-ми април оваа година, нешто по 3 часот по полноќ во близина на Западен Мемфис во американската сојузна држава Арканзас.
На видеото се гледа како „Volkswagen“ поминува покрај паркиран полициски автомобил со брзина од 196 км/ч. Полицаецот тргнува во потера и на крајот го стигнува возилото, но на жената ѝ требало околу една минута да застане. Откако застанала, таа го молела полицаецот да ја пушти бидејќи се работи за „итен случај“.
На прашањето за каков итен случај станува збор, жената му одговорила на полицаецот: „Ќе останам без гориво!“ По кратка расправија со полицаецот кој викал по неа, таа побегнала од местото, пишува „Auto Klub“.
Полицаецот повторно почнал да ја брка, брзо ја стигнал и ја запрел користејќи PIT маневар. Возачката била уапсена додека плачела и повторувала: „Само се обидувам да стигнам до бензинската пумпа“.
Се чини дека алкохолот бил виновник за сè – на прашањето дали пиела, таа одговорила „не многу“.Жената на крајот се соочила со неколку тешки обвиненија, меѓу кои за невнимателно возење, брзо возење и поседување отворени шишиња со алкохол во автомобилот.