Древниот саркофаг стар околу 2000 години откриен е на плажата каде бил искористен како бар на одморалиште на брегот на Црното море во близина на Варна во Бугарија.
По откритието, археолозите од регионалниот историски музеј во Варна направија испитување на овој древен саркофаг, идентификувајќи ја неговата богата орнаментика со венец.
Саркофагот е изработен од рапав варовник карактеристичен за северозападна Бугарија, и содржи заплеткани релјефни украси на сите четири страни, вклучувајќи венци и животински глави.
Покрај големата историска вредност на овој саркофаг, фотографиите споделени на социјалните мрежи открија дека саркофагот едно време бил користен како бар во популарен клуб на плажите блиску до Варна, што кај јавноста предизвика загриженост околу зачувување на бугарското културно наследство.
Археологот Александар Минчев изјави дека сите археолошки артефакти законски ѝ припаѓаат на државата, без оглед на тоа каде се пронајдени. Повика на истрага околу тоа како саркофагот завршил на плажа, сугерирајќи дека ова можеби не е изолиран инцидент.
За присуството на саркофагот на плажата се дозна откако бивш полицаец го забележал на една од плажите во Варна и тоа го пријавил кај локалните власти.
Случајот беше предаден на надлежното обвинителство во Варна, по што беше отворена истрага. Со помош на министерството за внатрешни работи и со тешка опрема, саркофагот беше однесен на понатамошно испитување во Археолошкиот музеј во Варна.
Овој случај поттикна поширока расправа околу зачувувањето на културното наследство на Бугарија и потребата од заштита и правилно управување со археолошко богатство, пишува „Euronews“.