Актерот Кит Харингтон со години се борел со алкохолизмот. Тој вели дека сè додека не престанал да пие, се мразел себеси и со гадење се гледал во огледало.
Ѕвездата на серијата „Game of Thrones“ изјави за „GQ Hype“ дека трезвеноста е на врвот на неговата листа на најголеми достигнувања.
„Буквално би се презирал себеси и не би бил горд на ништо“, порачал тој. Харингтон вели дека зависноста го довела до длабока депресија со суицидални мисли.
Благодарен е што ја „здогледал светлината“
Сето тоа се променило во 2019 година кога актерот се пријавил на лекување, само неколку недели пред финалето на серијата на „HBO“. Кит бил подложен на психолошко советување, когнитивно-бихевиорална терапија и научил да медитира. Тој е благодарен што ја „здогледал светлината“ пред да му се родат децата. Со сопругата Роуз Лесли има 3-годишен син и едногодишна ќерка.
Имал проблеми со менталното здравје
За потсетување, Кит претходно откри дека тешко се справувал со славата и имал сериозни проблеми со менталното здравје, а за сето тоа зборуваше во интервју за „The Sunday Times“.
„Нештата кои ми се случија откако заврши серијата, а кои се случуваа за време на снимањето беа прилично трауматични по природа и вклучуваа многу алкохол“, рече актерот.
Во некои моменти се сметал за лоша личност и размислувал да си го одземе животот. „Поминав низ периоди на вистинска депресија во кои сакав да правам секакви работи“, откри тој.