Лоши вести од НАСА: Астронаутите на осумдневната мисија заглавени во Вселената, може да останат таму до 2025 година

Точка

08/08/2024

14:15

12.657

Големина на фонт

а а а

Двајца американски астронаути што одлетаа на осумдневната мисија во јуни би можеле да останат на Меѓународната вселенска станица до следната година доколку нивното летало „Боинг Старлајнер“ не може да се поправи за да се вратат дома, соопшти НАСА.

Кога ќе се вратат астронаутите Буч Вилмор и Сунита Вилијамс?

Астронаутите Буч Вилмор и Сунита Вилијамс, кои беа првичниот екипаж на капсулата „Старлајнер“, би можеле да се вратат со леталото „Кру Драгон“ на компанијата „Спејс Икс“ во февруари 2025 година, доколку „Старлајнер“ сè уште се смета за небезбеден, изјавија претставници на американската агенција во средата.


Се разгледувале потенцијалните планови со „Спејс Икс“ да се остават празни две седишта на претстојното лансирање на „Кру Драгон“, кое во вторникот беше одложено за еден месец, додека НАСА и „Боинг“ работат на тоа како да ги вратат астронаутите дома.

Пробната мисија на астронаутите на 5 јуни, која првично се очекуваше да трае околу осум дена на станицата, беше продолжена поради проблеми со погонскиот систем на „Старлајнер“ што сè повеќе ја доведуваше во прашање способноста на леталото безбедно да ги врати на Земјата.


Портпаролот на „Боинг“ изјавил дека доколку НАСА одлучи да ја промени мисијата на „Старлајнер“, компанијата „ќе преземе акции неопходни за да го конфигурира ‘Старлајнер’ за враќање без екипаж“.

Користењето на вселенското летало на „Спејс Икс“ за враќањето на астронаутите, кое „Боинг“ планирал да го врати на „Старлајнер“, би било голем удар за гигантот на авио-индустријата, кој со години се обидува да му парира на „Кру Драгон“, пишува „Гардијан“.


„Старлајнер“ беше прикачен на Меѓународната вселенска станица (ИСС) 63 од максималните 90 дена колку што може да остане, а е паркиран на истиот „док“ којшто „Кру Драгон“ ќе мора да го користи за транспорт на следниот екипаж астронаути.

„Спејс Икс“ првично го закажа лансирањето на капсулата „Кру-9“ за средината на август. НАСА сега вели дека мисијата ќе биде лансирана по 24 септември.

„Боинг“ во јули соопшти дека по ригорозните тестови на земјата, инженерите идентификувале проблеми со „Старлајнер“, вклучувајќи ненадеен дефект на погонскиот систем и истекување на хелиумот. Во соопштението од 2 август, компанијата соопшти дека „довербата во враќањето на ‘Старлајнер’ со екипажот останува висока“.


Неодамнешните извештаи сугерираат дека има повеќе конфликти зад сцената меѓу лидерите на НАСА и „Боинг“. Некои претставници на вселенската агенција, наводно, поставувале прашање дали „Старлајнер“ треба да ги врати Вилијамс и Вилмор.

Состанокот оваа недела на Комерцијалната програма на екипажот на НАСА, која го надгледува „Старлајнер“, завршила со несогласување на некои официјални лица со планот да се прифатат податоците за тестирање на „Боинг“ и да се употреби „Старлајнер“ за да се вратат астронаутите дома, изјавија официјални лица на прес-конференција во средата.

„Не гласавме на начин што ќе доведе до заклучок“, рекол шефот на оваа програма, Стив Стич.

„Слушнавме од многу луѓе кои беа загрижени, а одлуката не беше јасна“, додал Кен Боверсок, шеф на вселенските операции.

„Боинг“ се обидува да ја зачува нарушената репутација

Извршниот директор на „Боинг“ не бил на конференцијата во средата, а експертите за „Гардијан“ изјавија дека не е невообичаено или неочекувано експерименталниот вселенски лет да предизвика проблеми.


„Тоа е дефинирано како пробна мисија, се нарекува пробен лет со екипаж, а една од нејзините задачи е да се справи со непланираните проблеми“, зборувал Џери Стоун, виш соработник на Институтот за вселенски студии и автор на книгата „Еден мал чекор“.

Меѓутоа, влогот за „Боинг“, кој во последниве неколку години се мачеше со нарушување на угледот во медиумите предизвикан од проблемите со своите авиони, е голем .

На последната прес-конференција на компанијата „Старлајнер“, Марк Напи, програмски менаџер за комерцијалниот тим на „Боинг“, рекол дека му е жал што толку многу нагласувал дека мисијата ќе трае само осум дена.

„Жал ми е што едноставно не рековме дека ќе останеме таму додека не завршиме сè што сакаме да направиме“, се изјаснил Напи.

Досегашните тестови на „Боинг“ покажаа дека четири од млазните мотори на „Старлајнер“ откажале во јуни затоа што се прегреале и автоматски се исклучиле, додека другите кои се рестартирале (повторно покренале) во текот на тестовите, делувале послабо од нормалното поради некакво ограничување на погонското гориво.



Спонзорирани линкови

Маркетинг