Извесна тиктокерка неодамна открила неверојатна приказна за нејзината шестмесечна врска со човек кој тврдел дека е агент на ФБИ. Приказната на Џена Џин досега ја виделе милион луѓе на Интернет, според „Mirror“, и тоа само затоа што нивото на измама која таа ја открила по неговото „исчезнување“ го надминува секое сценарио за акциски роман.
Џена во серија видеа отворено зборувала за тоа како сè се одвивало и што дознала за фиктивниот живот на своето поранешно момче, а нејзините следбеници не се ништо помалку вџашени од откритијата кои ги споделила со нив.
„Во 2021 година одлучив за првпат да пробам апликација за запознавање и за кратко време најдов некој за кого сметав дека ми одговара“, ја започнала Џена својата приказна во едно од неколкуте видеа кои ги објавила по тој повод:
„Тој тврдеше дека работи за ФБИ сето време додека се забавувавме. По шест месеци се пресели во Вашингтон поради „ФБИ обука“. Се обидовме со врска на далечина, но на крајот се разделивме така што ми се јави и ми соопшти дека мора да оди на „тајна мисија“ и ме извести дека повеќе нема да можам да го контактирам на неговиот сегашен број.“
Како што рекла, дури тогаш се посомневала дека нешто не е во ред и почнала да спроведува сопствена истрага. Според нејзините зборови, тогаш сфатила дека емоциите потполно ја заслепеле. Своите сомнежи ги споделила со пријателка која работела во американскиот разузнавачки сектор, и која се обидела да го пронајде нејзиното поранешно момче во базата на податоци – но никаде немало запис за него како агент на ФБИ.
Три години подоцна, Џена била поканета да се појави во поткастот „Dating Detectives“.
Водителот, приватен детектив, ѝ рекол дека конечно може да ја дознае вистината.
„Неколку недели подоцна добив мејл од истражителите дека откриле нешто. Мозокот ми работеше милион на час. Договоривме повик за 30 минути да разговараме за сè, а јас бев надвор од себе“, возбудено зборува во своето видео.
Кога започнал повикот, истражителот веднаш ги потврдил сомнежите на Џен.
„Мојот поранешен не бил во ФБИ. Всушност, тој никогаш не ни ја поминал обуката на ФБИ. Во неговата историја немаше апсолутно ништо поврзано со ФБИ“, открила таа.
Размислувајќи за нивната врска, Џена признала дека занемарила и игнорирала многу предупредувачки знаци.
„Тој не беше измамник во традиционална смисла. Не зеде пари од мене, ниту му требаше станот кој прилично пристојно изгледа. Имаше свој стан и плаќаше работи. Нè водеше на скапи вечери, имаше и мотор. Се прашувам од што живеел. А се чини дека лажел само поради возбуда“, забележува Џена и заклучува дека можеби живеел од парите на татко му.
Се потсетила дека секогаш бил исклучително таинствен, но лесно можело да се поверува во неговата приказна.
„Јасно се сеќавам дека ја видов биографијата од ФБИ на неговиот десктоп, речиси како да сакаше да ја видам. Тој немаше социјални мрежи ниту пријатели кои би можела да ги запознаам. Наводно поради неговата работа. А тврдеше и дека сите негови пријатели биле отсутни поради ангажманите во војската.“
Она што е уште повознемирувачко е фактот што тој не само што не споделил никакви детали за својата работа со неа, туку и приватните детективи не успеале да најдат никаква историја за неговиот работен ангажман, освен дека бил во војска пред да ја запознае.
Таа дури се поврзала и со други жени кои излегувале со него.
„Една девојка ме најде откако го споделив мојот „ТикТок“ и ми раскажа дека живеела со него во Вашингтон во време кога тој ми соопшти дека треба да биде на обука“, открила Џена.
„Таму со него излегла на два состаноци, на кои и нејзе ѝ велел дека работи за ФБИ, само не на обука, туку тајно. Значи, тој и понатаму ја вртел истата лага. Зошто воопшто бил во Вашингтон, ако не бил на обука таму?“
Подоцна се поврзала и со друга девојка која живее на Флорида. Се покажа дека и таа го запознала и започнала да се забавува со него.
„Ѝ одговорив на сите нејзини прашања и поставив неколку мои. Тој и понатаму ја користел истата лага, која таа никогаш не ја преиспитувала, исто како и јас додека се забавував со него, сè додека не го слушнала мојот поткаст“, раскажала Џена, а потоа додала дека дури откако разговарале за сè, другата жена продолжила да излегува со него: „Тоа само покажува колку тој може да биде манипулативен. Само Бог знае какви само лаги ѝ раскажал како би се извлекол од ова.
Приказната на Џена служи како предупредување за измамите во односите. И покрај вознемирувачките откритија, Џена останува отпорна и одлучна да го сподели своето искуство за да ги предупреди и поддржи другите кои би можеле да се најдат во слични ситуации.