„Кога би умеел да ја напишам најубавата книга на светот, би ја посветил на својата жена Дарка. Вака само вечно ќе ѝ останам должник на нејзината племенитост и љубов. И сè што можам е со благодарност да го споменам нејзиното име на почетокот на оваа приказна, која, како и сите други приказни, зборува за потрагата по среќата.“ („Дервишот и смртта“)
Најубавата посвета за жената, и тоа не на љубовницата или неостварената љубов, какви што најчесто сретнуваме во книжевноста, туку посвета на неговата сопруга, мајката на неговите ќерки и пожртвувана соборка, пишува „Стил“.
А навистина имало борби во нивниот живот. Нешто поради времињата кои не ги трпеле оние чии мисли не се вклопувале во едноумната матрица на комунизмот, нешто поради нивната љубов која била предмет на озборувања, затоа што првата жена на Меша Селимовиќ имала тежок карактер, а и големо влијание.
Деса Ѓорѓиќ била убава професорка по фискултура во тузланската Гимназија, галена и чувана миленичка од познато српско семејство кое било партизанско и комунистичко настроено. Другарките ја опишувале како висока и витка, подвижна и енергична, слика и прилика за енергија и виталност. Додека одела во средно училиште се заљубила во Меша, тој ѝ бил првата и страсна љубов која често умее да се претвори во омраза. Но, факт е и дека Деса била покрај Меша во тие воени години и била негова поддршка. Од тој краток брак се родила нивната ќерка Слободанка.
Во нивниот случај се потврдило дека убавината на жената, па и нејзините добри дела, не се секогаш доволни за да се оствари вистинска поврзаност, исконска врска во која мажот и жената се и љубовници и пријатели. Ова на своја кожа го почувствувал и младиот Меша Селимовиќ на едно од своите патувања за Белград. Во Белград ја сретнува Дарослава Божиќ, ќерка на еден офицер во кралската војска и лудо се заљубува во неа. Таа во свое име го имала она што се покажа како судбина на Меша: дар од Бога.
Дека луѓето се запознаваат дури откако ќе се разделат најдобро се потврдило во случајот на Меша и тоа во најлошиот облик. Деса ја замразила Дарка со омразата на страсна и оставена жена, омраза која никогаш ниту престанала, ниту пак се стишала. Дарка била жигосана како „растурикуќа“, буржујка, неморална жена која руши семејства и краде нечиј татко и сопруг. Сликата која љубоморната Деса ја раширила за Дарка била толку остра, а врските кои ги потегнала биле толку моќни што Меша бил изведен пред судот на својата партија за да се објасни и оправда. Тоа било сурово време кога комунизмот не бил општествено уредување, туку ментална матрица, начин на размислување кој не толерирал ниту најмали отстапки.
Така Меша се нашол пред партискиот Комитет за култура, каде морал да ѝ објасни и да ѝ се извини на партијата поради недостојното однесување. Бил даден предлог да се казни со строг укор, но Комитетот на сојузни министерства го казнил со исклучување поради неискреноста кон партијата и кршење на партискиот морал. Имено, некој кој бил од партизанско семејство, складно оженет со жена која исто така има партизанско определување, не смеел, како некој неморален буржуј, ни да помисли да има љубовница и тоа назгора ќерка на кралски офицер!
Ова бил многу болен момент за Меша, кому партијата сурово и неправедно му го одземала и сопствениот брат.
Шефкија Селимовиќ бил команден шеф во тузланскиот крај кому усташите ја ограбиле и запалиле куќата и покуќнината. Некаде пред крајот на 1944 година дознал дека неговата жена имала луда среќа и дека го преживеала концентрациониот логор и дека треба да се врати во Тузла. Тој морал брзо да реагира и поправената празна соба да ја претвори во дом, па Шефкија од Главниот магацин зел еден кревет, ормар, маса, столици и уште неколку неопходни ситници.
Тоа бил грев кој никако не можел да се прости, особено поради фактот што бил партизан кој имал двајца браќа комунисти и борци. Бил стрелан во зори, невин, жртвуван на слепата идеологија која немала разбирање за радоста на човекот чија жена се враќа од усташкиот пекол и за која тој сакал да создаде каков-таков дом. Најстрашно од сè е однесувањето на третиот брат Тевфик, партизански командант и моќна фигура во воената хиерархија во тузланскиот крај, кој не сакал да се вклучи и да интервенира за братот.
Меша никогаш не ѝ простил на Партијата за убиството на Шефика, но не му ја простил и рамнодушноста на својот брат и тоа што не се борел за човек кој очигледно бил невин. Никогаш не престанал да трага по неговиот гроб, бидејќи никој никогаш не им кажал каде го закопале, затоа што тоа била казна предвидена за најлошите. Да не им се знае ниту гробот, ниту да се знае дека некогаш постоеле.
Многу подоцна, од оваа тага и побуна против најцрното едноумие, настанало неговото дело „Дервишот и смртта“. Ова дело било посвета и извинување до својот брат.
PRIČA O STRELJANOM BRATU
NASTANAK ROMANA DERVIŠ I SMRT
Kad sam čuo da je Šefkija strijeljan, doživio sam šok. Ležao sam...
Posted by Mehmed Meša Selimović on Monday 26 October 2015
И така, неговата партија, на која тој некогаш одамна ѝ се придружил поради идеалот за рамноправност и вистинско вреднување, повторно му згрешила и се обидела да му ја одземе и втората љубов, онаа кон жената.
Но, Меша не дозволил да го скршат ниту предавството од довчерашните соборци, ниту недостојното напуштање од неговите пријатели, ниту бедата, суровата беда која ја искусиле тој и Дарка бранејќи се меѓусебно.
Многу подоцна тој зборувал за тешкото одгледување на нивните две ќерки кои во најраното детство сфатиле што значи да немаш ништо. Немале чевли, книги, убава облека, чоколадо, слатки, овошје, немале дури ни другарки, затоа што не било општествено прифатливо за деца на „исправни и во линија“ родители да се дружат со деца на човек кој бил партиски и морално посрамотен. Меѓутоа, ниту таа сурова беда поради која Дарка морала да продаде сè што донела од домот на своите родители и тоа само за да може да купи основни намирници, не го здоболела Меша толку колку што го болело игнорирањето од неговите колеги.
„Малку беше потребно за да почнат да минуваат низ мене како низ воздух или да газат по мене како по вода. Почувствував страв. Како ме убија? Не сум ранет? Не сум заклан? Не сум мртов, но ме нема. Добога, луѓе, зарем не ме гледате?“, вака Селимовиќ зборува за својата состојба во романот „Тврдина“, неговото второ големо дело во кое всушност тој ја опишува својата животна приказна.
Алија Селимовиќ, таткото на Меша, се изјаснувал како Србин со муслиманска вера. Тој бил строг и далечен со своите деца. Ѝ припаѓал на онаа стара генерација која била целосно турски ориентирана, преку религијата (иако не бил строго религиозен, туку ги почитувал и славел најголемите муслимански празници), облеката, мебелот, азбуката која се нарекувала арабика и која била некоја мешавина од арапски и хрватски јазик. Тој бил целосно груб и недопирлив, на својот син не му ја подарил топлината на родителството, ниту разбирањето за новото време кое го превртило неговиот стар, османлиски свет во некој нов и за него целосно неразбирлив свет.
Кога чувствителен човек гладен за љубов расте во тешки времиња и тешка земја, воспитуван од тежок татко и со уште потежок живот, би се очекувало да стане груб, циничен или барем саркастичен. Но, кај него нема ни трошка од тоа. Тој бил силна личност и можел да ги издржи ударите од оние во кои верувал, но имал и нежна душа која разбира и сака. Негова ѕвезда-водилка била жената поради која го трпел осудувањето од цел свет, но која му донела неверојатна емотивна среќа и исполнување.
„И не само што никогаш не се покајав, туку секогаш ѝ се заблагодарував на судбината што ми подари човек како Дарка, мојот добар дух. Ако таа не беше покрај мене во животот, не би направил ниту едно делче од тоа што го направив. Во нејзиното слабо тело и убаво лице имаше толку сила, волја и толку храброст што секогаш ме запрепастуваше. Таа ме бранеше од неволјите на животот, ме штитеше од неговите грубости, ме охрабруваше кога беше тешко, веруваше во мене кога другите се сомневаа, ме насочуваше со својата фантастична интуиција, мојата тврдост ја поправаше со својата мекост, ме хранеше со својата љубов …“
Velika ljubav velikog pisca, odrekli se svega zbog ljubavi
“Da ona nije bila pored mene u životu, ne bih uradio ni...
Posted by Radioaktivni Komarac on Sunday 13 December 2020
Борбата на Меша и Дарка со тесноградоста и непријателството на заедницата траела 20 години, 20 години биле потребни да ги премостат деновите кои биле одбележани со сув леб и сироматиштија. Во земјата која се издигнувала од „капиталистичката неправда и сиромаштијата на работничката класа“, еден од тие идеалисти и борци за подобро утро живеел живот на најоцрнет прогоненик само затоа што се разликувал. „Босна е тешка, товарна земја во која не е лесно да се живее ако си барем еден сантиметар повисок од другите. А мене судбината ми го доделила тој сантиметар и ме осуди на вечно затајување.“
Среќата на Меша било тоа што на својот пат налетал на жена која исто така го имала тој еден сантиметар повеќе кој за нив значел препознавање, но и долгогодишно одење по трње.
Дури откако излегол романот „Дервишот и смртта“, започнал нормалниот живот за семејството Селимовиќ, барем во материјална смисла. Сепак, „чаршијата“ не му го простила успехот. Нему ништо никогаш не му било простено. Што и да направел овој голем човек и писател, околината наоѓала начин да го осуди.
Уморен од напади и неразбирања, од обвинувања за национализам, опортунизам, прогласуван за дисидент и непријател, сит од чудните погледи и лицемерието, засекогаш го напушта Сараево и се преселува во Белград. Тој самиот признал дека тие девет години живот во средината која го прифатила, сакала и признавала, во која тој и Дарка не носеле печат на осуда, биле најдобрите години од неговиот живот.
Пред неколку години, во Белград, на улицата на која живеел била поставена спомен-плоча. За тоа колку важна личност била Дарка за Меша, хероината која го лекувала целиот јад од тешкиот живот и човечката пакост, најдобро кажал српскиот поет Матија Бечковиќ на церемонијата на откривање на спомен-плочата:
„Ако имаше правда, на оваа плоча би било и името на Дарка, но единствената која сигурно би била против тоа би била самата таа, како што била и против онаа раскошна посвета во „Дервишот и смртта“.
Darka je na pitanje šta je radila dok je njen suprug Meša pisao odgovorila: "Ja sam ga volela".
Pre ravno 50 godina,...
Posted by Književno veče on Friday 8 April 2022
На Дарка не ѝ е потребна спомен-плоча. Тие и онака не се читаат, луѓето не ги интересираат натписите кои не ги ни забележуваат додека одат.
Едно од најголемите дела од овие простори, делото преку кое светот дознал за Меша Селимовиќ, почнува со нејзиното име и неговата благодарност за нејзината добрина и љубов.
На тој начин Дарка е запишана во вечноста заедно со својот човек.