Краставиците се вид зеленчук кој многу луѓе сакаат да го јадат во текот на летните денови, како додаток во оброците или како освежителна закуска. Овој зеленчук се состои од речиси 95 проценти вода и е нискокалоричен, што го прави уште подобар избор за јадење во текот на летните месеци.
Покрај тоа што е вкусна и освежителна, редовното консумирање на краставицата се поврзува и со различни здравствени придобивки, како што се слабеење, подобар крвен притисок и слично. Ова се 7-те здравствени придобивки поврзани со редовното јадење на овој популарен зеленчук.
Го подобрува здравјето на кожата
Краставиците содржат многу вода и антиинфламаторни својства кои можат позитивно да влијаат на здравјето и изгледот на кожата. Ако се консумираат често, со текот на времето можат да ја ублажат иритацијата, да го намалат отокот и да ѝ дадат на кожата освежен изглед. Освен што можете да ги јадете, популарно е краставиците да се користат и во нега на кожата, особено да се ставаат на очите за да се намали отокот и да се повлечат подочниците.
Содржи хранливи материи
Краставиците немаат многу калории, но содржат добар извор на хранливи материи. На пример, тие содржат витамини Ц и К, калиум, магнезиум и манган - сите хранливи материи кои го поддржуваат целокупното здравје. Јадењето краставици во различни комбинации помага да се внесат потребните хранливи материи во организмот, а со оглед на малиот број на калории, не треба да се плашите од количината што сакате да ја консумирате.
Помага во одржување на хидратацијата
Како што пренесува „Health Shots“, краставиците се 95 проценти вода, што ги прави одличен зеленчук кој ќе ви помогне да бидете хидрирани. Јадењето краставици помага да се одржи доволна количина течност во телото, особено за време на топлите денови или по интензивна физичка активност, како што е тренингот.
Помага во слабеење
Поради високата содржина на вода и ниската калорична вредност, краставиците се идеална храна за секој кој сака да ослабне. Овој зеленчук ќе ви помогне да се чувствувате сити и да спречите прејадување, а со тоа ќе го намалите вкупниот внес на калории. Краставиците се многу популарни во салатите особено освежителната салата со краставица и грчки јогурт која е особено популарна во текот на летото.
Содржи антиоксидантни својства
Краставиците се богати со антиоксиданти, вклучувајќи флавоноиди и танини, кои помагаат во борбата против оксидативниот стрес и го намалуваат воспалението во телото. Овие антиоксиданти можат да го намалат ризикот од развој на хронични болести, пренесува „Health Shots“.
Го подобрува варењето
Еден од зеленчуците кој позитивно влијае на здравјето на дигестивниот систем се краставиците, а причината е содржината на влакна кои се наоѓаат во нив. Содржината на влакна во краставиците влијае на правилното и добро функционирање на дигестивниот систем. Јадењето краставици помага во регулирање на работата на цревата, спречува констипација и влијае на целокупното здравје на цревата.
Помага во контрола на нивото на шеќер во крвта
Покрај сето горенаведено, краставиците можат да помогнат и во контрола на нивото на шеќер во крвта. Како што пренесува „Health Shots“, јадењето краставици може да помогне да се намали нивото на шеќер во крвта и да се спречат компликации поврзани со дијабетес. Краставиците содржат низок гликемиски индекс, што ги прави одлична намирница за дијабетичари.