Босанскиот авантурист Роберт Дацешин неодамна го посети Сенегал, каде што забележа интересен обичај поврзан со локалните такси-возила.
Имено, на многу возила се наоѓа малечка опашка од коза, закачена на задниот дел од автомобилот. „Имате ли опашка од коза?“, напиша Роберт во видеото.
Овој детаљ не е само украс, туку има симболично значење – претставува среќа и нуди заштита на возачите за време на нивните секојдневни возења.
Иако нема официјално објаснување кога точно започнала оваа практика, присуството на опашки на возилата е широко распространето, особено кај таксистите кои секојдневно минуваат часови во сообраќајот.
Инаку, патеписецот претходно најави серијал од своите авантури во Западна Африка, а неодамна го сподели и своето искуство со возење на најголемиот, најтешкиот и најопасниот воз во светот – во Мавританија.
Имено, Дацешин сподели и снимки што ги бележат деталите од неговото патување со возот кој секој ден пренесува околу 22.000 тони железо во повеќе од 200 вагони, започнувајќи од градот Зуарет, па сè до пристаништето Нуадибу. Самата рута е долга 704 километри, а патувањето трае речиси 20 часа.
„Ако треба да го сумирам моето искуство, би рекол дека ова е една од најневеројатните работи што може да се доживее како патник“, наведува Дацешин меѓу другото во својата објава.